Бугарија – окупатор или ослободител?

by Fokus

Доколку современа Бугарија и нејзината историографија се спротивстават на формулацијата за поробување од фашистичка Бугарија на Македонците што живееле на територијата на денешна Република Северна Македонија и тврдат дека фашистичка Бугарија била ослободител, тогаш имаме проблем, кој никаква политичка коректност и Договор за пријателство не можат да го надминат

Пишува Д-р Ненад ЖИВАНОВСКИ

Доколку дојде до целосно спроведување на  Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија од 2017 година, синтагмата „бугарски фашистички окупатор“ би требало да биде избришана од историските учебници, односно да претставува инкриминирана описна формулација за бугарското присуство во Македонија за време на Втората светска војна.

Тоа го потврдил и премиерот Зоран Заев на 17 ноември 2017 година, во утринската програма на БТВ, кога изјавил дека таа веќе е тргната од учебниците. Во неа спорно е што именката „окупатор“ и придавката „фашистички“ одат заедно со „бугарскиот“ и создаваат нов логичен ентитет, кој во поново време и сегашните околности може да создава анимозитет и негативен однос кон современа Бугарија и бугарскиот народ.

Тоа е и објаснувањето на официјална Бугарија, кое не е без поткрепа во теоријата на политичката лингвистика и критичката анализа на дискурсот, бидејќи придавките се тие кои, вообичаено, на именките им го одредуваат значењето, квалитетот или вредноста, а што е особено сензитивно во политичкиот дискурс.

Би ја зеле за пример именката „министер“, кон која можеме да немаме никаков вредносен суд, сѐ додека не биде објаснета со придавката „чесен“ или „корумпиран“ министер; исто така, неутрални сме и кога ќе го слушнеме зборот „држава“, меѓутоа нашиот однос кон неа веднаш ќе се профилира ако дознаеме од придавката за каква држава станува збор: дали е демократска или диктаторска. Дури и кон именката „војна“, која самата по себе претставува нешто лошо, можеме да имаме модалитети во вреднувањето доколку придавката ни го објасни видот на војната: ослободителна или освојувачка.

Оттука, јасно е дека премногу честата употреба на формулацијата „бугарски фашистички окупатор“, иако е сместена во точно детерминиран историски контекст, има потенцијал и може да влијае врз формирањето или промената на свеста на читателот (а, историските учебници пред сѐ ѝ се наменети на младата популација) и да создаде когнитивно спознание дека придавката бугарско е нешто негативно, бидејќи оди споено со фашисти и окупатори.

Во таквиот ментален конструкт, многу лесно може да дојде до занемарување на разликата меѓу она што е историски податок и сегашноста и симплифицирано да се заклучи дека она што е бугарско асоцира и на негативно, лошо, потценето, заканувачко, одбивно.

ФАШИЗМОТ НЕМА НАЦИИ, НО ИМА ДРЖАВИ

Ако е за утеха, проблемот со придавките не е само наша мака во односот со Бугарија. На почетокот на 2017 година, сличен проблем се појави на релација Полска и Израел, затоа што полскиот парламент изгласал закон со кој се казнува јавната употреба на изразот „полски логори на смртта“, бидејќи имплицирал дека тоа се нацистички логори во кои биле убивани Евреите од Полјаците, а не дека само локациски припаѓале на територијата на окупираната полска држава. Јасно е од двата случаи дека придавките „бугарски“ и „полски“ се натрапникот кој создава проблеми и ги нарушува односите меѓу народите и државите.

Има ли решение што ќе ја задоволи и политичката коректност и ќе биде во согласност со историската вистина? Одговорот е повторно во лингвистиката и може да биде многу едноставен – само треба да се направи супституција на придавка со именка. Конкретно, во нашиот случај изразот „бугарски фашистички окупатор“ да се замени со нов израз „окупација од фашистичка Бугарија“ (а во полскиот пример „полски логори на смртта“ со „логори на смртта во Полска“) и проблемот ќе биде апсолвиран.

Историски непобитен факт во македонско-бугарските односи е дека на 18 април 1941 е потпишан Договорот помеѓу Цар Борис и Хитлер за приклучување на Бугарија на нацистичко-фашистичката оска, што ќе трае во најголемиот дел од Втората светска војна, односно до септември 1944, така што, не би требало да биде спорно и за бугарската историографија дека во минатото Бугарија била и фашистичка држава.

Во случајов, придавката „фашистичка“ пред Бугарија, освен што би го објаснувала политичкото уредување на државата, таа би била и историски локатор за кој период од постоењето на Бугарија станува збор и нема да има никакви допирни точки што кореспондираат со современа Република Бугарија, која, според Уставот, е парламентарна демократија.

Оттука, делумно е во право премиерот Зоран Заев, кога во спомнатото интервју за БТВ изјавил дека фашизмот не е врзан за нациите, туку со поединци, користејќи го изразот само „фашистички окупатор“.

Точно е дека на цела нација не може да ѝ се припише дека е фашистичка, но фашизмот има прецизна државна идентификација и многу добро се знае во кои држави претставувал општествено уредување. И тоа е факт кој не би требало никого во Бугарија да навредува, како што во светската историографија без проблеми се употребува „фашистичка Италија“ или „нацистичка Германија“, и тоа не ги повредува чувствата на граѓаните на овие држави.

КОЈ БИЛ ОКУПИРАН?

Меѓутоа, и со прифатливиот израз „окупација од фашистичка Бугарија“ може да се отвори нов проблем, кој повторно може да внесе забуна во историските учебници. Ако немаме дилема кој бил окупаторот, а тоа е фашистичка Бугарија, може да е спорно прашањето кој бил окупираниот.

Нашата историографија тврди дека окупирана била Македонија, мислејќи и правејќи континуитет со денешна Република Северна Македонија. Од друга страна, во референтните речници (Cambridge dictionary, Collins dictionary, Merriam-Webster dictionary и Oxford dictionary) сублимирано под окупација се подразбира запоседнување, освојување држава или дел од нејзината територија од страна на војска на туѓа држава, што се потврдува и во толкувањето на Дигиталниот речник на македонскиот јазик.

Професорката Смиља Аврамов, во својата книга „Меѓународно јавно право“, за дефиниција на воена окупација го зема цитатот од Хашкиот правилник од 1907 во членот 42: „Територија се смета окупирана кога ефективно се наоѓа под власт на непријателска армија“.

Кого окупирала армијата на фашистичка Бугарија во април 1941 година? Во тој момент единствената меѓународно призната држава на чија територија навлегла бугарската војска и ѝ објавила војна било Кралството Југославија, кое, иако капитулирало, неговата сѐ уште легитимна влада во егзил прогласила окупација на целата територија на Кралството (кое постоело до ноември 1943, кога се прогласило републиканско уредување на државата). Оттука, окупацијата можела да биде само на тој државен субјект, вклучувајќи го и неговиот административен дел, кој, во моментот на окупацијата, се нарекувал Вардарска бановина.

Прашање за правната наука е дали може да постои формулацијата „окупација од фашистичка Бугарија на Македонија“, ако се знае дека Македонија, како државно-правен субјект, кој можел да биде окупиран од армија на друга држава, не постоела? Историчарите треба да го задржат односот настаните и фактите да се толкуваат автентично, онака како што во историскиот момент се случувале и биле забележани.

ОКУПАЦИЈА ИЛИ РОПСТВО?

Какво решение треба да понуди македонската историографија кое би било и правно-историски точно и прифатливо и за македонската и за бугарската страна? Ако е факт кој македонската историографија го афирмира дека современата македонска држава е помлада од македонскиот народ, т.е. државата постои од 1945, а (најголемиот) дел од населението во тогашна Вардарска бановина, на денот на окупацијата од фашистичка Бугарија, се чувствувало како Македонци, тогаш точната формулација повторно треба да се побара во политиколошкиот лексикон.

Ако рековме дека држави се окупираат, што се случува со народот кога ќе дојде туѓа војска? Тој се поробува, живее во ропство и, консеквентно, се бори да се ослободи од ропство. На нашата територија тогаш дошла нацистичко-фашистичка војска, а населението кренало антифашистичко востание и водело антифашистичка борба. Затоа, точната формулација која би требало да биде во употреба во македонските учебници по историја, а е во духот на политичката коректност, прифатлива и за бугарската страна, е „поробеноста (или ропството) на Македонците од фашистичка Бугарија“.

Доколку современа Бугарија и нејзината историографија се спротивстават на формулацијата за поробување од фашистичка Бугарија на Македонците што живееле на територијата на денешна Република Северна Македонија и тврдат дека фашистичка Бугарија била ослободител, тогаш имаме проблем кој никаква политичка коректност и Договор за пријателство не можат да го надминат. Тука веќе станува збор за историска релативизација на фашизмот во Бугарија и негова афирмација како период со ослободителен карактер за Македонците, што не е само во судир со македонската историографија и државност, туку и со темелите на европската цивилизација, која се заснова и на антифашизмот.

Замислете некој германски историчар денес да каже дека со анексијата на Чехословачка во 1938 година, нацистичка Германија ги ослободила судецките Германци од чехословачко ропство. И таму на денот на влегувањето на нацистичката војска дел од населението излегло да ги пречека со цвеќиња и поздрави, но тоа не е никаков аргумент дека нацистите биле ослободители.

 

Поврзани новости