Наместо да биде лидер на европската интеграција на Северна Македонија, Бугарија нема интерес да ја обиколи соседната држава со нов Берлински ѕид, вели во изјава за „Еурактив“ бугарскиот професор Иво Инџов, експерт за политички комуникации.
Според него, Бугарија не може да си дозволи да го блокира својот западен сосед долго време бидејќи тоа ќе создаде нов антибугарски бран во македонското општество.
Инџов исто така смета дека бугарскиот премиер Кирил Петков е во право дека со интензивирањето на економската соработка, може да се создаде атмосфера на доверба меѓу двете држави.
Бугарскиот професор по историја Стефан Дечев, пак, верува дека надворешната политика треба да се остави да ја води Владата во Софија.
Тој се согласува со изјавата на премиерот на Бугарија Кирил Петков, дека Софија многу задоцнила со пристапот кон Северна Македонија.
– Единствениот проблем што го гледам е дека Владата не ги користи медиумите на најдобар начин за да ја објасни својата политика, вели тој во изјава за „Еурактив“.
Во текстот „Берлинскиот ѕид допрва треба да падне за Скопје“ на „Еурактив“ се потсетува дека Петков се обидува да го промени пристапот кон Скопје со цел да го надомести изгубеното време, како што вели, 30 години. Тој замина во прва посета на Скопје веднаш откако беше избрана новата македонска Влада. Неколку дена подоцна, неговата посета беше возвратена со нова форма на заедничка владина седница на двете влади што се одржа во Софија на крајот на јануари.