Руската државна компанија Газпром соопшти дека ја прекинува испораката на гасот за Бугарија и Полска откако двете земји одбиле да плаќаат за испораките во руски рубљи, јавува Јуроњуз. Од Газпром предупредуваат дека ако двете земји се обидат да повлечат од транзитниот гас кон другите европски потрошувачи, тогаш за идентичен обем ќе биде намалена испораката на транзитен гас кон Европа.
Би-би-си објави дека по синоќешниот прекин утрово биле обновени испораките на руски гас за Полска, и покрај предупредувањето на Газпром. Медиумот додава дека во еден момент рано утрово, физичките текови на гас долж гасоводот Јамал-Европа од Белорусија во Полска привремено се спуштиле на нула.
Во изјава за агенцијата Ројтерс, директорот на бугарскиот оператор „Булгартрансгаз“, Владимир Малинов изјави дека до утрово испораките на руски гас за Бугарија засега продолжиле, пренесува бТВ Новините. Засега не се знае до кога ќе тече испораката, ако се земе предвид дека бугарското Министерство за енергетика синоќа соопшти дека Газпром ја известил бугарската компанија дека од среда ќе ја прекине испораката.
Бугарскиот премиер Кирил Петков утрово изјави дека Бугарија нема да го прифати рекетот од Русија и нема да го плаќа природниот гас во рубљи, пренесува Бугарското национално радио. Бугарската држава е подготвена за сценариото за сопирање на рускиот гас и во моментов ги прегледува договорите за транзит низ нивната земја за Србија и Унгарија. Петков ветува дека во скоро време нема да се намалат испораките на природен гас кон потрошувачите.
Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејен денеска ја обвини Русија за уценување на Европа, а со ова единствено се покажува несигурноста на Русија како снабдувач со гас.
„Подготвени сме за ова сценарио. Ние сме во близок контакт со сите земји-членки. Работевме на обезбедување алтернативни испораки и најдобри можни нивоа на складирање низ ЕУ“, изјави фон дер Лејен.
Таа додаде дека ЕУ направила планови за вонредни ситуации во ваков случај и дека разговори се водат во Брисел на оваа тема.
Британскиот вицепремиер Доминик Рааб денеска изјави дека Русија дополнително се изолира со одлуката за прекин на испораката на гасот за Бугарија и Полска. Рааб додава дека тоа ќе има многу штетен ефект врз Русија, пренесува Би-би-си.