Поминаа две години на нестабилна власт во Бугарија,па денеска со 131 глас во Народното собрание беше избрана редовна Влада.
Ќе ја предводи академикот Николај Денков, кој беше предлог на партијата „Продолжуваме со промените“ на екс премиерот Кирил Петков.
Во Владата учествува и партијата ГЕРБ на Бојко Борисов.
Во првите девет месеци Владата ќе ја предводи Денков, а во вторите девет месеци, премиер ќе биде доскорешната еврокомесарка Марија Габриел.
„Денеска е денот да изберете Влада, која има стручност и смелост да носи важни решенија и да презема одговорност. Последниве недели, парламентарните групи на ГЕРБ и `Продолжуваме со промената` дадоа максимални напори за да се избегне опасноста од организирање шести парламентарни избори за две години, на кои би немало суштинска разлика во резултатот. Беа направени компромиси и од двете страни“, рече Денков.
Пред да започне расправата во Собранието, со своја реакција се јави претседателот на земјата Румен Радев.
„Се надевам дека Владата нема да ги предаде националните интереси, како што лидерите на новата коалиција ги предадоа своите гласачи. Се сеќавате како Борисов апелираше да се гласа за него, зашто `Продолжуваме со промената` ќе ја уништеле државата. Се сеќавате како `Продолжуваме со промената` повикуваше да се гласа за нив зашто ГЕРБ биле мафијаши. Денеска тие ја делат власта“, рече Радев.