Бугарија ќе стави вето во ЕУ за ембаргото на руската нафта?

by fokus

Бугарија ќе стави вето на одлуката на ЕУ за руското нафтено ембарго доколку не биде вклучена во списокот на земји кои ќе го одложат воведувањето на оваа санкција, јави локалната ТВ НОВА, врз основа на свои извори.

На денешната средба на амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Брисел, како што јави дописникот на МИА од Софија, учествува и бугарскиот дипломат Румен Александров. Средбата почна утрото, а амбасадорите се децидни дека ќе продолжи се додека не се реши руското нафтено ембарго.

ЕК претстави измена на планот, со кој се предлага да се воведе исклучок за Унгарија, Словачка и Чешка, но не и за Бугарија.

Според локалните медиуми, од официјална Софија е добиена официјална инструкција дека доколку на исклучоците не се додаде Бугарија, таа ќе стави вето на одлуката.

Унгарија и Словачка сакаат подолг период за прекин на употребата на руската нафта. Според предлогот на ЕК, двете земји ќе добијат една година повеќе од остатокот од ЕУ за да се откажат од руската нафта. Будимпешта и Братислава го отфрлија предлогот, велејќи дека им треба повеќе време за да ги приспособат своите синџири на снабдување. Најверојатно ќе успеат во нивните напори – веројатно ќе добијат две години повеќе од остатокот од ЕУ.

Чешката Република и Словачка најверојатно ќе се приклучат на оваа шема за ослободување, бидејќи и двете се слично зависни од руската нафта.

Поврзани новости