Премиерот на Бугарија, Кирил Петков денеска најави дека таканаречените „златни пасоши“ што се издаваат на странци ако инвестираат во Бугарија, се проблем и за Шенген и за укинувањето на американскиот визен режим.
-Златните пасоши се порок, а владата во Софија ќе бара решение. Бугарија ќе престане да ги дели затоа што се сосема погрешна политика. Бугарија мора да има углед на европска земја, а не некаков влез на некои нелегални луѓе кои купуваат евтин пристап до европскиот пазар и ЕУ. Ќе ги елиминираме целосно, тие се погрешна политика. Секој кој е поврзан со нив ќе биде соочен со полна сила на законот, рече Петков.
Повод за отворање на прашањето беше прашањето на ДПС, партијата која соопшти дека имаат сознанија за 120 лица кои учествувале во шемата за стекнување бугарско државјанство со инвестирање.
Според Хамид Хамид, повеќето од нив се главно Кинези, некои од кинеското разузнавање и Руси.