Бугарија го предложи Желјазко Радуков за амбасадор во Скопје од позиција на организациски секретар на мешовитата комисија за историски и образовни прашања, објавија бугарските медиуми.
Тој е познат дека активно работи на „заштита на правата и културно-историското наследство на бугарската заедница во С Македонија“. На актуелниот амбасадор во Скопје, Ангел Ангелов, мандатот му завршува во јуни 2024 година.
Дипломатот од кариера е предлог на бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Марија Габриел.
Радуков, освен што е дипломат, ја извршува и функцијата организациски секретар на бугарскиот дел од заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија.
Од 2021 година Жељаско Радуков е одговорен за Министерството за надворешни работи за Република Македонија во билатерален и во европски контекст, односно бил директно инволвиран во „Францускиот предлог“.
Во образложението на предлогот пишува дека тој ја имал клучната улога во „креирањето и спроведувањето на Европскиот компромис од 2022 година, како и во билатералните преговори за Протоколот од Вториот состанок на меѓувладината комисија според член 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со С Македонија, потпишан во јуни 2022 година“.