Во засебната изјава поднесена до Советот на ЕУ во врска со отпочнувањето на преговорите со Северна Македонија, соседна Бугарија најавува дека нема да отстапи од своите барања.
Во документот приложен од страна на бугарската делегација во ЕУ, официјална Софија објаснува дека формулацијата од заклучоците на Советот на ЕУ на 14 декември за „одржување на првата меѓувладина конференција што е можно поскоро по усвојувањето на преговарачката рамка“ не претставува никаков автоматизам помеѓу усвојувањето на наведената рамка и одредувањето на датум за првата меѓувладина конференција меѓу С Македонија и ЕУ.
Софија најавува дека ќе го услови усвојувањето на преговарачката рамка со „инкорпорирање на дополнителна одредница за отворање на кластерот „Фундаменти“ (првиот кластер што се отвора во преговорите, нз) во форма на патоказ за имплементација на Договорот за пријателство.
Дополнително Бугарија најавува условување со контроверзните историски ликови, олеснување на бугарските инвестиции во С Македонија, Коридорот 8, и прекин за барањето за признавање на „македонско малцинство“ во Бугарија кое таа го смета за неосновано. Во документот Софија споменува „говор на омраза“ против бугарски граѓани во С Македонија.
Кога, и доколку, започнат преговорите со ЕУ, Бугарија ќе инсистира на овие бројни услови и за затворање на поглавјата и кластерите.
Спорот околу името исто така останува во условите на Бугарија: таа бара Северна Македонија да се именува исклучиво со долгото име „Република Северна Македонија“ за да се „разликува“ од регионот Северна Македонија.
– Исклучива употреба на името Република Северна Македонија за да се разликува политичкиот ентитет „Република Северна Македонија“ од географскиот регион „Северна Македонија“ или вербална нота од Република Северна Македонија до членовите на Обединетите Нации со цел сите референци „Северна Македонија“ да се однесуваат на политичкиот ентитет што е Република Северна Македонија и употребата на краткото име Северна Македонија не доделува никакво друго значење, што се однесува на географскиот регион Северна Македонија, делови кои спаѓаат на суверената територија на Бугарија, стои во документот на бугарската делегација до земјите членки на ЕУ.
За да го поткрепи овој аргумент Бугарија го дава примерот на Република Молдавија и регионот Молдавија и бара како во други случаи (спорот за името во НАТО, Косово) да се користи астериск во официјалните документи.
Иако формулацијата за „погрешно толкување на историјата“ е отстранета од поновите заклучоците на ЕУ, Бугарија во документот се навраќа на ова прашање и пишува дека “Бугарија го повторува разбирањето во Советот, како што стои во заклучоците за Проширување и Процесот на Стабилизација и Асоцијација од 26 јуни 2018, дека Договорот за добрососедски односи „мора да стави ефективен крај на сите барања заснова на погрешно толкување на историјата“.
Конечно во изјавата Бугарија истакнува дека „се придружува кон консензусот на земјите членки на усвојување на преговарачката рамка за Албанија и одржување на првата меѓувладина конференција помеѓу Албанија и ЕУ, врз основа на сопствените заслуги на оваа земја кандидат“.
Во последниот дел од изјавата на Бугарија оваа земја признава дека и покрај „кампањата на омраза кон Бугарија во Република Северна Македонија“, С Македонија „остана отворена за дијалог во секое време“.