Бугарија и Македонија постигнаа договор за изградбата на железничката пруга на Коридорот 8

by Fokus

Во Софија вчера се одржал состанок помеѓу делегации од Македонија, Бугарија и претставници од Европската Унија во однос на железничкото поврзување. На состанокот биле прифатени трите аргументи за кои изминатиот период посочуваше министерот за транспорт, Александар Николоски во врска со железничкото поврзување на Северна Македонија и Бугарија преку Коридорот 8 – да има заеднички проект за да не се гради тунел кој не води никаде, Бугарија да го заврши својот дел од пругата и ревидирање на цената и на самиот проект, соопштија од министерството за транспорт и врски.

На состанокот, како што информираат оттаму, од македонската страна предводена од државниот секретар во Министерството за траспорт Стeфан Велковски и директорот на „Железници – инфраструктура“, Синиша Ивановски, било истакнато дека земјава не отстапува од железничкото поврзување на кое се гледа како на регионален проект со кој се потенцира развојот на европските транспортни мрежи.

Во врска со ова, а по проценетите ризици и во контекст на изведбата, било заклучено на изградбата на тунелот од железничката траса да работи еден изведувач.

Според Министерството за транспорт, на состанокот од двете страни исто така било прифатено третата фаза од проектот, односно делницата Крива Паланка – Деве Баир, да биде преиспитан во однос на цената бидејќи сегашната е превисока и неразумна и интенцијата е таа да се намали.

„Двете делегации, исто така, се согласија да се користи одлуката за технички проект за тунелот, поднесен од ЈП ‘Железници – инфраструктура’“,се додава во соопштението од Министерството.

Претставниците на делегациите се договориле двете земји да формираат работни групи чија цел ќе биде да ја подготват потребната документација за тунелот.

„За време на состанокот страните разменија информации, временски рамка за изградба, а споделија и искуства во однос со техничките прашања за изградбата на коридорот 8, а посебно во делот на процедурите за идното функционирање на прекуграничниот тунел ‘Деве Баир’. Страните, исто така, се договорија постигнатите договори да ги презентираат пред одговорните финансиски институции на ЕУ“,се наведува во соопштението.

За состанокот вчера информираа и бугарските медиуми, кои го пренесоа соопштението на тамошното Министерство за транспорт, во кое иста така се наведува дека двете страни размениле информации, одредиле временска рамка и споделиле своите искуства за техничките прашања и теми поврзани со изградбата на Коридорот 8, со акцент на прекуграничниот тунел „Деве Баир“.

И од бугарската страна наведуваат дека учесниците на состанокот се согласиле дека е поцелисходно тунелот да го гради еден изведувач, за што добиле поддршка од претставниците на Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), кои изразиле подготвеност да помогнат во подготовката и спроведувањето на тендерската постапка.

Која од страните ќе ја спроведе јавната набавка за изведувачот на тунелот ќе се одлучи на некоја од следните средби со финансиските институции, наведуваат од бугарското Министерство.

Вчерашниот состанок беше договорен на средбата што на 16 октомври во Брисел ја имаа претставници на Северна Македонија и на Бугарија, а на кој двете страни постигнаа согласност заеднички да продолжат со изградбата на железничката пруга на Коридорот 8.

Поврзани новости