Крајно неодговорни се изјавите на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во неговото обраќање пред Советот на федерацијата на Федералното собрание на Руската Федерација дека се зборувало поделбата на Македонија помеѓу Албанија и Бугарија, реагираше бугарскиот министер за надворешни работи Даниел Митов, откако Лавров уште еднаш обвини дека Западот ја дестаблизира Македонија поради одбивање на санкциите кон Москва и подготвеноста да учествува во проектот „Турски поток“.
– Сите многу добро го познаваме тешкиот пат низ кој помина РМ кон воспоставувањето и зацврстувањето на нејзината државна независност и суверенитет. За цело тоа време токму Бугарија беше државата која и даваше најголема поддршка на независноста на Македонија, која беше и ќе остане гарант за нејзината територијална целина. Бугарија е државата која прва го призна уставното име на Република Македонија и тоа решение беше клучно за стабилноста во Југоисточна Европа. Обидите да се стави под знак прашање европскиот ред во регионот и територијалната целост на државата се недозволиви – порача Митов.