Бугарската министерка за надворешни работи, Теодора Генчовска на вонреден брифинг соопшти дека денеска сите бугарски државјани кои се наоѓаат во Украина и изразиле желба за евакуација од Киев и околината, имаат можност за итна евакуација.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, во моментов Украина ја напуштаат четири автобуси и сите автомобили на бугарскиот конзулат во Одеса и амбасадата во Киев.
Во автобусите и автомобилите има околу 200 лица – бугарски, американски, македонски и украински државјани, еден државјанин на Грузија, како и персоналот на бугарската амбасада во Киев и генералниот конзулат во Одеса.
– Министерката Генчовска и македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи се во постојана комуникација за извлекувањето на македонските државјани, изјави за МИА портпаролот на бугарското МНР, Митко Димитров.
Димитров потсети дека вчера бугарски дипломати помогнале на 22 македонски државјани на украинско-молдавската и романската граница, а двајца Македонци ја напуштиле Одеса со автобус.