Бугарија е отворена за активен, отворен и целосен дијалог со Република Северна Македонија, изјави денеска бугарскиот министер за надворешни работи Светлан Стоев на прес-конференција по средбата со неговиот португалски колега Аугусто Сантош Силва и еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји во Софија.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Стоев изјави дека очекува „соседите во регионот“ да работат во дух на искреност и конструктивност, нагласувајќи дека постои целосен континуитет во бугарската политика во однос на Северна Македонија и дека за Бугарија останува клучно да се одржат добрососедските односи и да се спроведува Договорот за добрососедство и пријателство од 2017 година.
– Бугарија останува доследна во поддршката за европската интеграција на земјите од Западен Балкан, истовремено почитувајќи го критериумот за индивидуалните достигнувања на секоја земја и почитувајќи ги основните вредности на заедницата, како што е добрососедство, изјави Стоев.
Тој изрази подготвеност да се сретне со неговиот македонски колега Бујар Османи, со цел, како што рече, да разговара за иницијативите што може да ги преземе сегашната бугарска техничка Влада.
– За нас одржувањето на добрососедските односи и добивањето на потребните гаранции за спроведување на Договорот од 2017 година е од клучно значење. Ние продолжуваме да правиме напори за враќање на довербата во нашите односи со Република Северна Македонија. Наша цел е да преземеме конкретни чекори за враќање на дијалогот со Скопје, вклучително и на највисоко ниво, што ќе обезбеди основа идната редовна Влада да ги врати нашите односи на нивото што треба да поврзе едни две блиски земји, рече Стоев.