Унгарското Министерство за надворешни работи го повика американскиот амбасадор Дејвид Пресман во знак на протест поради изјавата на американскиот претседател Џозеф Бајден дека унгарскиот премиер Виктор Орбан „сака диктатура“, изјави денеска шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто.
– Не сме должни да трпиме такви лаги од никого, дури и ако тоа лице е претседател на САД – рече Сијарто на брифинг со новинарите, пренесе Ројтерс.
Во текот на викендот Орбан ги посети САД, каде што се сретна со поранешниот претседател Доналд Трамп, по што изјави дека Трамп е „претседател на мирот“. Тој додаде дека во моментов нема да има војна во светот доколку Трамп се уште беше претседател на САД.
Коментирајќи ја средбата на Орбан со Трамп, Бајден рече дека „Орбан отворено изјави дека не мисли дека демократијата функционира“.
– Тој бара диктатура – рече Бајден.