„Буџетот за 2024 година е кроен за избори“ тврди Димитриеска-Кочоска

by Fokus

Опозицијата го критикува предлог-буџетот за 2024 година и децидно тврди дека тој никако не може да се смета за развоен.

Во разговор за „Локално“, анализата на потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ и поранешна заменик-министерка за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска вели дека врз основа на презентацијата на министерот за финансии, Фатмир Бесими, најголем раст на расходна страна се предвидени за плати и притоа „апсолутно ништо не прават за подобрување на инвестирањето односно нема конкретни капитални проекти за кои навистина ќе гарантираат дека ќе има реализација и притоа ќе бидат со додадена вредност, слабо е инвестирањето во приватниот сектор, лоша е продуктивноста итн. не можеме да очекуваме развој“.

-Дополнително, планираат раст на приходите за 10% но на планирани приходи за 2023 година. Со оглед на тоа дека приходите за 2023 нема да се реализираат како што е планирано, односно ќе недостасуваат најмалку 200 мил евра, тоа значи дека приходната страна нема да расте за 10% туку повеќе. Во вакви услови во кои што е економијата, не очекувам дека тие приходи ќе бидат реализирани. Тоа значи дека на првиот ребеланс на буџетот за 2024 година ќе се кратат капиталните расходи како што впрочем се прави во сите овие години додека е СДСМ на власт. А кога се кратат капиталните расходи дополнително се дава сигнал дека економскиот развој на Владата не и е во прв план, оценува соговорничката.

Во однос дали е кроен за пред избори, Димитриеска Кочоска истакнува дека ќе се види кога ќе стигне на разгледување во собрание.

-Ако ги вклучат мерките за кои зборуваа пред некое време односно да даваат помош на различни категории на граѓани, тогаш слободно можеме да кажеме дека Буџетот за 2024 година е кроен за избори. Откако поради неспособност и лични интереси (корупција, криминал) инфлацијата им излезе од контрола а се поради погрешни и ненавремени мерки сега зборуваат за помош на граѓани, притоа замислете баш таа помош им ја даваат во изборна година. Зошто тоа не го направија во 2022 кога инфлацијата го достигна плафонот или пак во 2023. И на крај зошто дозволија да стане животот толку скап, а потоа да глумат дека сакаат да му помогнат на народот, прашува потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ.

Смета дека ситуацијата со јавната администрација и тоа што следната година ќе бидат потребни за 18 отсто повеќе пари за платите на вработените во јавниот сектор е најгорливиот проблем, но потенцира дека и тие луѓе заслужуваат достоинствен живот.

Таа објаснува дека ризик за повисока инфлација од планираната со оваа власт секогаш постои. Убедена е дека покрај сите грешки што ги направи власта, „да не почнеа да зборуваат за даночна реформа инфлацијата немаше да биде толку висока“.

Поврзани новости