Има некои аксиоми кога зборуваме за владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Една од нив е дека кога доаѓа буџетот, власта успева да ја дефокусира јавноста со единствена цел најмалку да се зборува за буџетот. Затоа власта преку своите дежурни микрофони ја наметна дилемата за Ќосето. Миленко го брани мислиш во шесто одделение на училиште со маичка со негов лик се шетал. Плус Столе заблагодарувајќи ѝ се на владата за милионите евра што му ги дале без да има потреба од отчет, направи сцена од која црвениот килим на Манаки позелене и му подари на народот на тацна муабети до сто едно и назад. Затоа почувствував потреба да издвојам некои елементи од буџетот, кој, како и изминатите години, за граѓаните е буџет до балчак!
А буџетот е огледало на политиките на власта, испомешани куп бројки за тоа како се трошат парите на граѓаните. И буџетот има свои аксиоми, една и најбитна е задолжувањето. Можеш сѐ да ѝ направиш на власта, ама кога ќе се обидете да им скратите од задолжувањето, како во око да сте им брцнале. А одговорот е 24 декември 2012. Кога треба да се штеди, и наместо ново задолжување од 200 милиони евра, им се укажа дека тие пари може да се најдат и на друг начин, тогаш диктаторската кожа стана премногу тесна и избувнува со сите црни полуги на еден режим.
Секако декември 2012 не беше никаква поука за власта, напротив, уште побезобѕирно продолжи да нѐ задолжува, не само нас, туку и генерациите што сѐ уште не зачекориле во нашата Македонија. Од буџетот читаме дека во следната година на име на отплати по задолжувања ќе враќаме 2,4 пати повеќе пари, односно од 177 милиони евра од оваа година, во следната ќе отплатиме 425 милиони евра. Тоа најдобро зборува што се случува со задолжувањата.
Зборувајќи за приоритетите на оваа влада, сакам да ги споредам со приоритетите на новата Европска комисија, предводена од новиот претседател Јункер. Во промоцијата на програмата на Комисијата и новите еврокомесари, како врвен приоритет, ја потенцира посветеноста во развојот на дигиталната економија и создавање заеднички дигитален пазар. Притоа, за жал, во нашиот буџет нема ниту развој на информатичкото општество, ниту економијата е приоритет. Еве неколку примери: владата издвојува 9.040.000 денари за развој на мали и средни претпријатија, а од друга страна 21.400.000 денари за изградба на пешачки патеки. Или 25,5 милиони денари за изградба на плажи, а 300.000 денари (не е грешка, триста илјади денари) за капитални расходи во развојот на енергетиката.
Затоа исклучително смешна е реченицата на почетокот од буџетот дека има сериозна посветеност кон енергетиката затоа што такви вложувања и нема во буџетот. Како некакво чудо се споменуваат 123 милиони денари за гасификација, а познато е дека најевтините гасоводи се изведуваат меѓу 2,5-3 милиони долари/километар, што значи има пари за ЦЕЛ еден километар, без анекси секако.
Доволно е да се погледнат неколку реда над ставката за гасификација и да се види дека владата на Груевски ќе потроши 50 проценти повеќе за зградата на Министерството (171 милион денари) отколку за гасификацијата. Кога зборуваме за ова Министерство, да споменам уште два бисера. Првиот е издвоените средства за пат до манастирот Зрзе, тие се 0 и со букви нула. А вториот е ставката Жичара и толку. Ниту во кој град, ниту ништо, единствено се гледа дека најголемата сума пари ќе се издвои во 2017-та, која мислам дека ќе биде изборна. Инаку резервираната сума за таквата жичара за 2015-та година е онолку колку што градот потроши за срамниот настан Појадок на мост, 11 илјади евра.
Кај нас економијата и ставките што треба да ја имплементираат економијата се сведуваат на економска промоција за која како владина програма се издвоени 777.740.000, или околу 12.6 милиони евра. За развојот на ИКТ се резервирани околу 2 милиони евра, кои не само што не се доволни, туку нема да се искористат од проста причина што сѐ уште немаме некој проект од оваа област да ја дочека светлината на денот. Интероперабилноста се чека додека не се испооткажат сите и да ја добие фамилијарното милениче ВИСТА, а дотогаш, наместо за отворање нови работни места генерирани од развојот на дигиталната економија, ќе зборуваме за Ќосето.
До балчак уметност е и за општините. И во овој буџет дотациите од ДДВ и наменските дотации до општините се исти како изминатите години, и покрај разно-разните надлежности и задачи што им ги наметнува централната власт. Затоа долговите се акумулираат и тука не помага евтиниот трик долговите на општините за кои не гарантирала владата да се на друг, а не на владата. Секако во буџетот нема пари за штрајкбрехерите кои ќе улетаат на час наместо редовниот наставен кадар. Кој и од каде ќе ги плати нив?
Како и секоја година, и сега власта манипулира со предвидените средства за капитални инвестиции. Демек многу се, но како и секоја година, за жал нема да се инвестираат предвидените 340 милиони евра. Притоа нема ставка: исплата на заостанати капитални инвестиции. Во услови кога внатрешниот долг достигна 1,2 милијарди евра, се поставува едноставно прашање, ако овие 340 милиони се нови, што станува со претходните долгови од милијарда евра? Она е што е исто видливо е фактот дека владата одвојува 1 милијарда денари средства од буџетот за капитални инвестиции од лани (11,582 во однос на 12,429 милијарда денари), а тоа е дури 4,2 пати помалку од она што преку буџетот се исплаќа за бенефиции од фондот на ПИОМ.
Дека оваа влада одамна расчистила со ЕУ е, исто така, аксиома. Исто како што е аксиома дека ниту ги чита, а не, пак, ги имплементира препораките од извештајот за нашиот напредок кон ЕУ. Затоа владината програма за Реформа на јавната администрација се состои од две компоненти: стручно усовршување кое зафаќа 1 процент од издвоените средства, додека 99 проценти се резервирани за вработувања по рамковен договор. Значи нови вработени кои нема да одат на работа, но ќе си добиваат плата и бенефиции.
Во лажниот вовед се зборува и за повеќе вработени, економски раст, но изгледа само трансферите кон фондовите растат. На пример ПИОМ, фонд кој треба да биде самоодржлив, фонд во кој се слеваат придонесите од вработените, е ставен на апарати за преживување, каде што главниот довод е буџетот. За 2015-та се предвидува фондот 60 проценти да се пополни од придонесите, а дури 40 проценти вбризгани помош директно од буџетот. Поразителен податок, податок кој го најавува за жал конечниот колапс на овој фонд. Поразителен податок дека ниту има повеќе вработени, ниту економски раст. И повеќе од очигледно е дека законската измена за оданочување на хонорарците и интелектуалниот труд ќе биде само оптоварување на граѓаните, а не некоја суштинска помош за фондот, кој незапирливо тоне.
Како и минатата година, за трансфери кон фондовите се предвидени околу 400 милиони евра или онолку колку што годишно позајмуваме нови пари. Пак истата тажна песна, со наши пари ќе се градат глупости, галии, панорамско тркало, барокна влада со антички фотелји, а за пензии ќе се позајмуваме.
И сѐ додека не се формира комисија во Собрание, која ќе се грижи како се трошат парите од буџетот, тој ќе се користи за богатење на фамилијата, а до балчак за народот. Таа комисија која треба да работи по принципот: value for money, ќе ги открие и бројот на јавната администрација, рекламирањето на владата, отчетот за филмовите финансирани од државата, колку пензионери се избањале и извозиле, а колку всушност е исплатено, зошто плаќаме најскапо здравство и образование, а добиваме најниски услуги. И најважното, колку должиме и има ли план некој како ќе се враќа? Само чиста слика за тоа каде одат нашите пари ќе ја врати довербата кон институциите. Граѓаните заслужуваат да видат дека може поинаку да се стопанисува со нивните пари. Инаку и в година до балчак.