Продолжување на грижата за заштита на здравјето на населението, многу повеќе капитални инвестиции, редовна и навремена исплата на плати, пензии и социјални надоместоци, при истовремена фискална консолидација, се главните цели на Предлог-буџетот за 2022 година, што Владата го усвои на седница на 30 октомври, а денеска на прес-конференција го претстави министерот за финансии Фатмир Бесими.
Реализацијата на Буџетот за 2022 година ќе овозможи поддршка на економскиот раст проектиран на 4,6 %.
Вкупните приходи на Предлог-Буџетот за 2022 година се планирани на 238,9 милијарди денари и се за 7,4 проценти повисоки од годинава. Вкупните расходи се планирани на 272,4 милијарди денари, што се за 1,4 % повисоки oд 2021 година. Дефицитот се планира на ниво од 33,5 милијарди денари или 4,3% од БДП и е понизок за 2,2 процентни поени во однос на дефицитот во 2021 година.
Притоа, капиталните инвестиции се повисоки од буџетскиот дефицит и изнесуваат 37,8 милијарди денари, што е за околу 27% повеќе во однос на 2021 година. Со ова, како што истакна министерот, се постигнува златното правило во јавните финансии.
-Главна карактеристика на предлог-буџетот за 2022 година е дека дефицитот единствено ќе се користи за поддршка на позначителниот дел од капиталните инвестиции. Во 2022 година според сите карактеристики ќе имаме “развоен буџет”. Развојната компонента на Буџетот се гледа преку зголемените средства за капитални расходи за околу 27% во однос на 2021 година или 8 милијарди денари повеќе се предвидени во 2022 година за капитални проекти. Капиталните расходи следната година се на историски највисоко ниво од 14 % во вкупните расходи, истакна министерот.
Одлика на овој Буџет е дека парите на граѓаните ќе се искористат таму каде што даваат најголеми ефекти во остварување на целите за повисок квалитет на животот.
Средствата ќе бидат наменети за интензивирање на реализацијата на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството.