Бучковски за Фокус: Изборниот резултат ќе биде тесен, ќе одлучува фото-финишот!

by Фокус

Универзитетскиот професор и поранешен премиер Владо Бучковски прогнозира тесен резултат на претстојните парламентарни избори. Во изјава за Фокус, тој вели дека се води мртва трка помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Во анализата што ја прави по изборни единици, Бучковски вели:

„Резултатот ќе биде тесен, ќе одлучува фото-финишот. СДСМ е фаворит во првата и во шестата изборна единица. Ако победи со 10-8 во првата и со 5-3 во шестата ИЕ, СДСМ ќе биде севкупен победник, зашто очекувам во втората, четвртата и петтата изборна единица да биде нерешено, а во третата ИЕ да победи ДПМНЕ во 11-9. Во овие мои прогнози, СДСМ би освоил 50, а ДПМНЕ 48 мандати. Од друга страна, што би била победничка формула за ВМРО-ДПМНЕ… Во првата и шестата ИЕ да изгуби со по еден мандат разлика, да го надомести тоа со победа со два мандати разлика во третата ИЕ, да победи во втората и петтата ИЕ со по еден мандат повеќе, а во 4 ИЕ да биде нерешено 10-10. Во ваков распоред на мандатите, ДПМНЕ би имал 50, а СДСМ 48 пратеници“.

Тој очекува тесна битка во рамки на албанскиот блок, каде, според него, ДУИ ќе ја победи Алијансата за Албанците во сооднос 11-9. Притоа, поранешниот премиер предвидува дека по еден мандат ќе освојат ДПА и Левица. Целата изјава ќе ја објавиме во наредниот број на неделникот Фокус.

В.С.

Поврзани новости