Бучковски: Убеден сум дека ќе најдеме решение, немам џокер во ракавот, но имам искуство

by fokus

Поранешниот премиер Владо Бучковски е убеден дека ќе најде решение, околу спорот со Бугарија.

-Убеден сум дека ќе најдеме решение, но не за седум дена. Можеби ќе биде потребно дополнително време, но сме на вистинскиот пат, порача Бучковски по средбата со министерот за надворешни работи Бујар Османи откако вчера беше назначен за специјален претставник на земјава во Бугарија.

Тој не сакаше конкретно да открие кои чекори ќе се преземат во наредните неколку денови за да се фати возот за прва Меѓувладина конференција до крајот на годината.

„Јас заради моето искуство нема да прифатам со нашите бугарски пријатели да ги испраќаме пораките преку медиумите. Интензивно работи нашата комисија, имаме инструменти кои ги дава Договорот. Ако тие инструменти и досега се користеа немаше да дојде до оваа криза бидејќи според мене, затоа што ги слушам често и сугестиите и критиките кон нас, ние имаме сериозни аргументи кои се испорачани на другата страна. Се чекаат реакциите од другата страна. Го почитувам и она што го знам врз основа на слични кризни, молкот од наша страна. Кога се молчи е подобро за да дојдеме до посакуваното решение“, изјави Бучковски.

Експремиерот вели дека од бугарска страна, тој и уште еден бивш премиер Љупчо Георгиевски и професорот Денко Малевски се посочуваат како трите личности кои макотрпно се борат за исполнување на Договорот и затоа вели, имајќи го предвид неговото именување за специјален пратеник и бугарскиот Меморандум, пред нив е сериозен предизвик да го забрзаат спроведувањето на Договорот.

Тој уште еднаш порача дека нема никаков ас од ракав или џокер, но го има искуството на своја страна.

„Се надевам дека со искуството и со довербата која ја имам и во бугарската јавност ќе бидам јасен сигнал за посветеноста на нашата влада во исполнувањето на обврските од Договорот. Со задоволство го прифатив предизвикот зашто сум убеден дека можеме да стигнеме до решение кое ќе го деблокира процесот, а од друга страна ќе биде во духот на европските вредности со целосно почитување на нашето достоинство“, посочи Бучковски.

Поврзани новости