Добро вечер чаирчани, еее извинете, искрено да ви кажам сите сте ми исти, сите си личиме, го почна своето обраќање вчера пред карпошани познатиот комичар, Љупчо Бубо Каров, алудирајќи на гафовите на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска, која во Неготино неодамна ги поздрави кавадарчани.
Тој рече дека лапсузите ја прават оваа изборна кампања порелаксирана.
-Тоа што чаирани сега ги викаат аеродроомци, а карпошани ги викаат чаирчани докажува една друга рабта, не само што сме релаксирани, знаеме и на сите ни е јасно како ќе течат работите. Започна концептот „Општество за сите“ и ќе го заокружиме со избор на претседател за сите граѓани. Нека зборува кој што сака. Тоа лебди во воздухот, сигурно е и очигледно. Треба во најголем број да излеземе на гласање и да го потврдиме тоа што го кажав, дека овој човек ќе биде на чело на бродот – порача тој мислејќи на Пендаровски.
Бубо Каров рече дека е убеден дека Пендаровски ќе победи на претседателките избори и најави дека по изборите ќе сними римејк на познатиот скеч „На брат ми му ја скршија кичмата“, но овој пат ќе почне со „Како што видовте Стево на сите им ја скрши кичмата“.
-Нека му забележуваат на Заев што рекол ќе го фрлиме сидрото. Многу е нормално да го рече тоа бидејќи 11 години бевме на бродот со фрлено сидро, немавме шанса да го издигнеме јарболот. Сега почнува времето кога јарболот ќе биде напред. А со капетанот видовме што се случи, капетанот избега и отиде во држава каде нема море – додаде Бубо Каров.