Аболиции, законски измени и низа други крупни одлуки што беа донесени изминатите години влијаеа на постапувањата на правосудните органи, вели основниот јавен обвинител Гаврил Бубевски. Сепак признава дека најголем дел од вината за ниската доверба е „во сопствените редови“.
-Би можеле и цел ден да зборуваме за тоа кои се причините и веројатно поголемиот дел од граѓаните во оваа држава сакаме да имаме еден праведен и правичен систем во којшто ќе имаме одговорност за сите, но за жал последните години не само по вина на правосудните органи се донесоа прилично крупни одлуки во оваа држава коишто на еден начин ги засегнаа постапувањата на правосудните органи, како на пример: амнестии, законски норми и др…кои имплицираат постапувања на правосудните органи во насока на тоа луѓето да го доживуваат тоа како нефункцонирање на правдата. Тоа е едниот аспект. Но, веројатно најголем дел од вината лежи во нас самите, но сметам дека сега е моментот ние како правосудна фела да се издигнеме над сето ова, бидејќи јавноста очекува од сето тоа нешто да биде, вели Бубевски во интервју за Радио Слободна Европа.
Во однос на изборот на раководителот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Исмаил Абази вели дека самите обвинители го избрале и дека неговите сегашни впечатоци во однос на независноста, Абази ја извршува на најдобар можен начин од кога е поставен на позицијата.