Шефот на Основното јавно обвинителство Скопје, Гаврил Бубевски, денеска рече дека во моментов се испитуваат материјални докази во врска со истрагата за убиствата на Вања Ѓорчевска од Скопје и Панче Жежовски од Велес, кои ја потресоа јавноста.
„Истрагата, во однос на дејствијата е на тоа ниво на кое ви кажав и минатиот пат, а се испитуваат нормално материјалните докази. Можам само да ви кажам дека материјалните докази зборуваат со истиот јазик со којшто зборуваа осомничените. Толку“ – рече Бубевски.
Тој не сакаше да даде конкретен одговор ниту за тоа дали мотивот останува ист – користољубие.
На новинарско прашање дали автомобилот е снимен на „Сејф сити“ или на некои други камери, Бубевски напомена дека прибавени се материјалните докази.
„Тие се анализираат, се прави целокупна ретроспектива на сè што се случувало и сето тоа, повторно ќе кажам, ќе биде предмет на описот на обвинителен акт“ – рече Бубевски.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември.
За нивното убиство и помагање за бегство, засега се осомничени шест лица, од кои пет се во притвор, а првоосомничениот Љупчо Палевски се чека да биде екстрадиран од Турција.