Бубевски: Се постапува за двојното убиство на Кале

by Fokus

„Обвинителството постапува во овој случај и дежурен обвинител има излезено на лице место, има дадено одредени насоки во однос на криминалистичко прибирање на доказен материјал и негово обработување, но фазата на откривање е во целост на органите на откривање, во овој случај МВР“ изјави денеска претседателот на Основното јавно обвинителство – Скопје, Гаврил Бубевски, за случајот со двојното убиство на Кале.

Тој рече дека согласно законот за кривична постапка за вакви дела, прв орган што се известува е МВР, а веднаш потоа и Обвинителството.

„Координацијата на сето тоа ја прави јавен обвинител, меѓутоа откривачката функција и начинот на кој ќе дојдат до одредена трага, сознание и сето тоа, сепак е криминалистичка работа, за која полицијата има повеќе познавање и знаење“ рече Бубевски.

Она што се очекува од јавниот обвинител е дадено, посочи тој, нагласувајќи дека тоа е се што може да каже во овој момент.

Обвинителот за претходните мафијашки пресметки и убиства во земјава рече дека сите нерасчистени убиства не се затворени предмети и за нив се прибира доказен материјал.

„Некои се споредуваат, дали се појавуваат исти работи на различни места. Сѐ уште ова е фаза на постапка, каде не можам да кажам дали ќе има конкретен завршеток за одреден од нив“ потенцираше Бубевски.

Поврзани новости