​Бруто платата во ТИРЗ во март достигна 1100 евра

by Fokus

Просечната бруто плата во компаниите во ТИРЗ во март достигнала над 1100 евра, што е речиси 10% над државниот просек, покажала анализата на ТИРЗ. Како што наведуваат оттаму, за споредба – просечната нето плата во Зоните достигна над 43.000 денари, што е повеќе од два пати над просечната плата од 19.000 денари регистрирана во 2016 година.

„Во првиот квартал од годинава продолжува да расте и бројот на вработени. Заклучно со март во компаниите во ТИРЗ работат над 18.100 наши сограѓани што е за 10% повеќе споредено со март 2023. Во последниве седум години само во ТИРЗ се креирани над 11.800 нови работни места споредено со 6282 во 2016 година

Извозот и увозот во Зоните бележат стабилен раст од почетокот на годинава и покрај негативните трендови во европската економија, особено во Германија која е главна извозна дестинација. Компаниите во Зоните во првите три месеци од годинава реализирале 820 милиони евра извоз, додека увозот е на ниво од 730 милиони евра“ се наведува во извештајот на ТИРЗ.

Поради ваквите економски движења, како што се наведува, нето извозот заклучно само во март е во позитива од 7% додека за првиот квартал од годинава севкупно изнесува 12%.

Се очекува ваквиот позитивен тренд на раст, кој е континуиран четврта година по ред, да продолжи поради зголемениот обем на склучени договори за инвестиции. Само минатата година во ТИРЗ се постигнати договори со вкупен обем од над 450 милиони евра кои креираат 7000 нови работни места, од кои дел веќе се реализираат.

Поврзани новости