Бруталното и грозоморно убиство на Вања е пораз за цела држава. Тоа се случи и поради нефункционирањето на системот, неспособноста на институциите и отсуството на одговорност, обвинија од ВМРО-ДПМНЕ.
„Еден од главно осомничените е во бегство. Истиот тој е и поранешен висок функционер на владејачката СДС, меѓудругото дел од една криминално рекетарска банда која настапува и во јавниот простор за кој е јасно дека е блиска до власта, група која уценува неистомислемици, и која работи само за користољубие.
Спасовски беше презафатен со организирање на самит, додека крволочната банда убива и хара низ Скопје.
Треба Спасовски да одговори едно прашање – Кога истрагата дознала за извршителите? И дали Спасовски и началниците во МВР криеле заради самитот на ОБСЕ?“ прашуваат од опозициската партија.
Нема скандал кој не се случи во овој негов мандат, велат оттаму.
„Се делеа пасоши на криминалци од балканското и европско подземје, се случуваа сомнителни набавки на софтвери и милионски тендери, скандали со прислушукување и нелегално следење на комуникации и злоупотреба на службите за следење, криминалци неказнети кои избркале полицајци од полициска станица во Арачиново, МВР на Спасовски даваше и половина милион евра на транспортната фирма што набавуваше 2 машини за перење од 25.500 во општина чиј градоначалник беше од неговата партија и редица други скандали“ порачаа од ВМРО-ДПМНЕ и го повикаа Спасовски да си поднесе оставка веднаш.