Познатиот актер Брус Вилис се повлекува од актерството откако му е дијагностицирана тешка болест, соопшти неговото семејство.
Неговата ќерка Румер Вилис објави дека на актерот му била дијагностицирана афазија, медицинска состојба која се карактеризира со потешкотии со говорот и често е предизвикана од оштетувања на левата страна на мозокот. Најчести причини се мозочен удар, сериозна повреда на главата, мозочен тумор и невролошки состојби како деменција.
-Брус ќе се откаже од кариерата што му значеше толку многу. Ова е навистина предизвикувачки период за нашето семејство и ние сме многу благодарни за вашата љубов, сочувство и поддршка. Ние минуваме низ ова обединети и сакавме да ги известиме неговите обожаватели затоа што знаеме колку тој ви значи, како што вие му значите, напиша неговата ќерка Румер Вилис на Инстаграм.
Брус Вилис е роден на 19 март 1955 година, во Идар-Оберштајн, Западна Германија. Неговиот татко, Дејвид Вилис бил американски војник. Неговата мајка, Марлен К. била Германка, родена во Кауфунген, близу Касел. Вилис е најстариот од четирите деца.
Откако бил отпуштен од војска во 1957 година, татко му на Вилис со својата фамилија се вратил во Карнис Поинт, Њу Џерси.
Својата актерска кариера ја започнал во 1982 година, кога се појавил како статист во последната сцена во филмот „Judgment“, со Пол Њуман во главната улога. Брус Вилис остане запаметен по култните улоги во филмовите „Die Hard“, „The Fifth Element“, „Armageddon“, „The Sixth Sense“ итн.