Министерството за здравство во соработка со УНФПА и ХЕРА изготви брошура наменета за трудници со совети за одржување на нивното здравје и превенција од вирусот КОВИД-19.
Брошурата ги советува бремените жени кои се симптомите на корона вирусот, што доколку се заразат, дали се во поголем ризик од останатите, дали вирусот може да се пренесе на нивното бебе и други корисни информации.
– Изготвени се и нови препораки наменети за здравствените работници за постапување со бремени пациентки за време на пандемијата со Ковид-19, со цел нивно правилно информирање и соодветно следење во текот на бременоста, како и во постпарталниот период. Тука има корисни совети за превенција на ширењето на инфекцијата со коронавирусот, како и оптимизација на прегледите на бремените жени за да не се изгубат придобивките од редовните антенатални контроли, а по потреба да се намали нивниот број и да се обезбеди превенција од заразување на пациентката со болеста КОВИД-19, соопшти Министерството за здравство.
Во рамки на препораките се вклучени и неколку алгоритми за олеснета прегледност на постапките, кои треба да се преземат кај пациентките суспектни или со потврдена инфекција со коронавирусот, и тоа во тек на антенаталните контроли, тријажа на пациентки со симптоми за КОВИД-19, хоспитализација на ризични пациентки, начин на завршување на породувањето и постпородилниот период.
Брошурата за бремени жени и коронавирус е достапна на македонски јазик и на албански јазик.
Покрај брошурата, Министерството ги наведува и времените препораки за КОВИД-19 и бременост, на македонски јазик и на албански јазик.