Бројот на жртвите од силниот земјотрес што во понеделникот ја погоди Јапонија се искачи на 30. Најмногу луѓе загинаа во градот Ваџима, во префектурата Ишикава – 15.
Спасувачките операции во Јапонија продолжуваат, отежнати од тековните последователни потреси и оштетувања на патиштата.
Во градот Ваџима избувнаа пожари во повеќе од 200 згради, но има мали шанси тие дополнително да се шират, објавија претставници на префектурата Ишикава, пренесува агенцијата Кјодо.
Утринава снимка од јавниот радиодифузен сервис NHK покажува урната седумкатна зграда од која се издига чад во централниот дел на Ваџима.
Предупредувањата за цунами за областите долж брегот на Јапонското Море беа укинати утринава, откако највисокиот бран од околу 1,2 метри стигна до пристаништето Ваџима во понеделникот вечерта.
Земјотресот предизвика штети и во префектурите Ниигата, Тојама, Фукуи и Гифу.
– Исклучително е тешко возилата да влезат во северните области на полуостровот Ното – изјави премиерот Фумио Кишида на прес-конференција, додавајќи дека централната влада ја координира испораката на хуманитарна помош со бродови.
Околу 1.000 припадници на силите за самоодбрана се ангажирани во операциите за спасување и помош, рече Кишида.
Неколку силни земјотреси, од кои најсилниот беше 7,6 степени според Рихтеровата скала, во понеделникот ја погодија јапонската префектура Ишикава, на работ на Јапонското Море.
Епицентарот на најсилниот земјотрес бил на околу 30 километри североисточно од Ваџима, на длабочина од 16 километри.
Земјотресот во Овајшикава, според јапонската сеизмичка скала, бил со јачина од 7 степени, што е највисоко ниво на скалата, соопшти Јапонската метеоролошка агенција.
石川の地震発生の状況です(金沢駅)
友達から送られ来たやつです自分の方もこんな感じの揺れ来ました pic.twitter.com/1VXy7z9YOC— うえこー (@ueko_0228) January 1, 2024