Бројот на загинати во Магдебург се искачи на пет, повредени најмалку 200 лица

by Fokus

Бројот на загинати во нападот на божиќниот пазар во германскиот град Магдебург на 20 декември, се искачи на пет, додека на повредени на најмалку 200 лица, изјави премиерот на покраината Саксонија-Анхалт, Рајнер Хаселоф.

Говорејќи пред новинарите на местото на нападот на 21 декември, тој рече дека денеска ќе биде ден на тага и жалост.

Канцеларот Олаф Шолц, исто така го посети Магдебург, при што изјави дека речиси 40 луѓе се „толку сериозно повредени што мораме да бидеме многу загрижени за нив“.

„Тоа е страшен, трагичен инцидент“, рече Шолц и ја пофали професионалноста на службите за итна помош и оние кои ги лекуваа повредените.

„Важно е ништо да не остане неистражено, секој камен да биде превртен“, додаде тој.

Утрото на 21 декември, полицијата во Магдебург ги повика сведоците на терористичкиот напад на божиќниот пазар во тој град, да ги дадат сите информации за нападот.

Полицијата во објава на мрежата Икс побара сведоците да испратат информации, фотографии и видеа од инцидентот.

Воспоставена е и телефонска линија за помош на луѓето кои бараат информации за нивните роднини.

Во меѓувреме, градските власти ги советуваа граѓаните да ја избегнуваат областа на нападот.

Според објавените информации, „целата област“ околу божиќниот пазар сè уште е опколена од безбедносните служби.

Поврзани новости