Бројот на загинатите во земјотресот во Албанија достигна 30, а како исчезнати се водат 20 лица. Бројот на повредените од главниот потрес со јачина од 6,4 степени достигна повеќе од 660 граѓани, а некои се во тешка состојба.
Најмногу исчезнати има во Драч и селото Тумана, па екипите за спасување работат на шест локации во оваа зона.
Стотици станови и куќи во областа на Драч и Тумана, како и околните населби, се прогласени како непогодни за живеење. Премиерот Еди Рама вети помош од државата.
По евидентирањето на штетата или во рок од 2-3 дена сите семејства кои останале без домови ќе бидат сместени во хотели, додека за следната година се ветува дека ќе бидат изградени сите урнати домови.
Попладнево албанската Влада и официјално прогласи вонредна состојба во регионите на Драч и Тумана, а денеска е и ден на национална жалост низ цела Албанија.