Бројот на раѓања во Италија падна на ново историски најниско ниво, под 400.000 во минатата 2022 година, објави националниот завод за статистика ИСТАТ, бидејќи населението продолжува да се намалува.
Недостигот на бебиња во Италија се смета за национален итен случај, а решавањето на проблемот беше политичко ветување на Џорџа Мелони пред минатогодишните избори на кои таа стана првата жена премиер во земјата.
Минатата година бројот на жители се намалил за 179.000, на 58,85 милиони, објави ИСТАТ во својот годишен демографски извештај. Намалувањето на населението е нешто побавно во споредба со 2021 и 2020 година, годините кога владееше пандемијата Ковид-19.
Италија забележала 392.600 раѓања во 2022 година, што е помалку од 400.249 во претходната година, објави ИСТАТ.
„Главен фактор е намалувањето на бројот на жените и стареењето на жените“, нагласуваат од институтот.
Бројот на деца по жена падна на 1,24 од 1,25 во 2021 година. Падот е забележан во централните и северните региони, а маргинален пораст има на југот.
Вкупниот број на жители во Италија е во постојан пад од 2014 година. ISTAT во септември предвиде дека бројот на жители на Италија може да падне на 54,2 милиони до 2050 година и 47,7 милиони до 2070 година.
Во својот последен извештај, ISTAT наведува дека секој четврти човек во Италија има над 65 години, додека бројот на стогодишници се зголемил тројно на 22.000, во последните 20 години.