Значително зголемен број на новозаразени со Ковид -19 е регистриран и во вчерашната статистика на Министерството за здравство, од каде најавуваат дека во наредните недели состојбата може да биде критична, но уверуваат дека здравствениот систем е подготвен за новиот бран.
Инфективната клиника во Скопје е пополнета со ковид пациенти, а ќе се активираат и останатите такви центри. Во пресрет на утрешното стапување во сила на рестриктивните мерки, ресорниот министер Венко Филипче најави дека освен вакцинираните, во угостителските објекти и на настаните на отворено ќе им биде дозволен влез и на лицата кои прележале Ковид-19.
Како што објави Министерството за здравство, во претходното деноноќие од направени 9.270 тестирања, регистрирани се 792 нови слтеручаи на Ковид-19, од компликации од вирусот починале десет пациенти, а 104 оздравеле. Бројот на активни случаи со ковид изнесува 5 043.
Инаку, од вкупно 3.497 пациенти дијагностицирани изминатите седум дена, 3.047 се невакцинирани, односно само десет проценти се вакцинирани и се позитивни, а тие кои се во болница на лекување имаат прилично стабилна состојба.