Бројни реакции од медицинската фела за Ифтар вечерата на Сали

by Fokus

Околу 200 луѓе биле поканети на Ифтар -вечерата која ја организираше министерот за здравство, Беким Сали по повод исламскиот празник Рамазан Бајрам во скопскиот хотел Хилтон, неофицијално дознава „Фокус“.

Според нашите информации, биле приредени неколку ифтарски вечери, од кои една специјално за новинарите, додека друга за дел од директорите, лекарите и медицинскиот персонал од скопските клиники, само од муслиманска вероисповед за што потврдија и од министерството за здравство.

Станува збор за организирање ифтарска вечера во лична организација на министерот Беким Сали, во рамки на која е поканет медицински персонал од исламска вероисповед од клиниките.“, се наведува во одговорот од министерството за здравство, на чија адреса упативме повеќе прашања.

До нашата редакција стигнаа бројни реакции од директори, лекари и медицински персонал на клиниките, зошто биле поканети само едни, но не биле поканети и другите.

„Кај нас на клиниката беше поканет само еконсомскиот директор бидејќи е Албанец, но не беше поканет медицинскиот директор“, објаснува директор, кој сакаше да остане анонимен.

„Фокус“ на оваа тема поразговара и со актуелниот министер, кој првично рече дека поканата била отворена за вработени на клинички, но подоцна потврди дека биле повикани само тие од исламска вероисповвед.

„Не знам точно колку беа поканети, немам фиксна бројка. Мислам дека беа околу 200 луѓе. Тек кога ќе платам ќе дознаам. Беа поканети тие од муслиманска веросиповед, поточно тие што постат“ ни одговори првиот човек во здравството.

Во однос на тоа на чија сметка била Ифтарската вечера, од министерството за здравство истакнаа дека самиот министер Сали со негови лични средства ја покрил вечерата.

„За оваа намена не се користени средства од буџетот, односно станува збор за лични средства на министерот“, тврдат во одговорот од ресорното министерство.

Тој не кажа која сума на пари ја потрошил за организацијата, тврдејќи дека ќе знае кога ќе плати.

Во текот на последните неколку години, биле организирани вакви Ифтар вечери од повеќе политичари.Пред четири години, поранешниот градоначалник на Карпош, Стефан Богоев беше поканет на Ифтар организирана од страна на локалната самоуправа. Екс премиерот Никола Груевски, исто така организираше Ифтар во 2015 година по повод рамазанските пости  за членовите и симптизерите на ВМРО-ДПМНЕ и за коалиционите партнери од исламска веросиповед.

Ирена Мулачка

 

 

Поврзани новости