Бројна публика и долги овации за крај на музичкиот репертоар на 63-тото „Охридско лето“

by Fokus

Во црквата „Света Софија“  вчеравечер одекнаа извонредните вокални способности на членовите од професионалниот мешан хор „Про Арс“. Бројната публика и долгите овации беа знак дека на музичкиот репертоар на фестивалот „Охридско лето“ се одржа уште еден прекрасен концерт што долго ќе се памети.

Хорот „Про Арс“ ја изведе програмата „12 месеци“ од композиторот Живојин Глишиќ а под диригентско раководство на маестро Сашо Татарчевски.

-Настапивме со една поспецифична програма, исклучително сложена и тешка за изведба, но тоа е она што во суштина ја прави нашата работа да биде интересна. Изведовме 12 новосоздадени композиции  од композиторот Живојин Глишиќ коишто се базирани на македонскиот фолклор. Познати песни кои се народни се земени како основни и се аранжирани и преосмислени во едно ново руво, типично за композиторот Глишиќ.  Со огромна енергија и задоволство ги подготвувавме композициите, напорни, но се голема духовна награда откако ќе се изведат како што треба. Се надевам дека оставивме  силен впечаток кај публиката која беше присутна на концертот, вели диригентот Татарчевски.

Професионалниот хор „Про Арс“  е формиран  од страна на Татарчевски пред 12 години и обединува млади, мотивирани и вокално образувани хорски уметници.

-Кај нас немаше таков хор којшто може да одговори на композиторски јазик посложен од она што може да го изведат аматерски хорови или хорови кои се наменски, како на пример хор за опера. И не само програмата со која настапивме на „Охридско лето“, туку и сè што пееме  со „Про Арс“,  во суштина е нешто што не може да се изведе  од други хорови кај нас. Тие се сите мои поранешни и ретко кој од нив сегашни студенти. Поминати се низ ригорозна хорска школа и подготвени се за каква било работа. Во секој случај, задоволство е да се работи со луѓе коишто се посветени и квалитетни, додава маестро Татарчевски.

Со концертот на професионалниот мешан хор „Про Арс“ беше заокружен музичкиот репертоар на 63-тото издание на фестивалот „Охридско лето“ чија завеса ќе биде спуштена вечерва на Античкиот театар со претставата „Лагата“ од Флориан Зелер, во режија на Никола Љуца, а во изведба на Драмски театар Белград од Србија.

Поврзани новости