Уште 18 лица позитивни на корона вирус во Тиквешијата се регистрирани денес, со што бројот на активни случаи се искачи на 458, а се очекуваат уште резултати од земени брисови во тек на ден. Помеѓу новите, 12 лица се од Кавадарци, пет од Неготино и едно од Росоман, на возраст од 22 до 74 години.
Од почетокот на пандемијата вкупно 885 лица од Тиквешијата се инфицираа со вирусот, од кои 675 во Кавадарци и 210 во Неготино. Во Ковид-19 одделот во кавадаречката болница има околу 50 кревети, а капацитетот е речиси потполнет. Додека бројот на активни случаи се наближува кон 500, матични лекари од регионот за „Фокус” откриваат дека драстично е зголемен бројот на пациенти со симптоми на корона вирус, и константно се закажуваат термини за тестирање.
-Нема место за страв кај здравствените работници. Заштитна маска, ракавици, средства за дезинфекција, редовно проветрување, и продолжуваме со работа. Зголемен е бројот на пациенти со симптоми, на сите мораме да им излеземе во пресрет – ни изјавија од приватна поликлиника.