Бродот што се судри во танкер во Северното Море носел токсичен цијанид

by Fokus

Товарниот брод Солонг превезувал 15 контејнери со натриум цијанид, меѓу другите товари, кога се судрил со танкерот „Stena Immaculate“ во Северното Море, кој превезувал авионско гориво, јавува Би-Би-Си.

Натриум цијанид е бела кристална супстанција со слаб мирис на бадем. Индустриски се користи за чистење и галванизација на метали, во фотографијата и за производство на други хемикалии.

Изложеноста на соли на цијанид може да предизвика главоболки, гадење, вртоглавица, нервоза, збунетост и промени во срцевиот ритам, а во потешки случаи, проблеми со дишењето, срцев удар, па дури и смрт.

Натриум цијанидот е многу растворлив во вода и може да биде токсичен бидејќи го попречува процесот на дишење кај животните, објасни др. Марк Хартл, вонреден професор по морска биологија на Универзитетот Хериот Ват.

Иако сè уште не е јасно дали хемикалијата истекла во морето или изгорела, постои можност да ги загрози водните организми доколку се проголта. Др. Хартл додава дека рибите имаат природен рефлекс за избегнување на опасните материи, така што некои видови можеби веќе ја напуштиле областа на судир.

Од друга страна, професорот по еколошка токсикологија Аластер Хеј од Универзитетот во Лидс предупредува дека ако натриум цијанид дојде во контакт со вода, постои ризик од формирање на гас водород цијанид, кој исто така може да претставува закана. Сепак, тој забележува дека сè ќе зависи од степенот на ширење на хемикалијата и дека ќе се врши тестирање на водата како дел од санацијата за да се утврди каква било можна контаминација.

Засега не е познато дали натриум цијанид истекол во морето, но властите ја следат ситуацијата и ќе ги преземат неопходните заштитни мерки. Во овој инцидент нема повредени.

Поврзани новости