Нашиот однос со Северна Македонија долго време е фокусиран на помошта за Северна Македонија да се интегрира во евроатлантските институции“, порача амбасадорката на САД во земјава, Кејт Мери Брнз, во ексклузивното интервју на ТВ21.
Таа додава дека претходно тоа било НАТО, додека пак сега се фокусирани на ЕУ.
-Точно е дека најголем дел од нашите напори се фокусирани на владеењето на правото и постои причина што е така. Прво и основно зашто владеењето на правото е основа за сите демократски институции, за економскиот просперитет и најважно за безбедноста. Тоа е основен фактор што гарантира дека се исполнуваат потребите на граѓаните. Со нашите програми и канцеларии тука се трудиме да ја поддржиме владината агенда за примена на владеењето на правото, особено напорите за гаранција на независноста и функционалноста на судството“, порача амбасадорката.
Брнз вели дека ова им е важен фокус и имаат повеќе програми преку кои работат на тоа.
-Ова е тежок проблем и комплицирано прашање. Голем дел од демократијата е комплициран. Имаше еден одличен цитат од претседателот Бајден на Самитот за демократија, на кој беше домаќин во декември и на кој се зборуваше за овие проблеми. Го цитираше покојниот лидер за граѓански права и конгресмен Џон Луис. Кажа: „Демократијата не е состојба, демократијата е чин““, вели Кејт Мери Брнз во ексклузивното интервју на ТВ21.
Амбасадорката додава дека постојано се гледа дека демократските реформи и примената на владеење на правото се нешто што бара многу труд, а бара и многу смелост и енергија, за на крајот да се успее и да се искорени корупцијата и втемелениот кронизам кои го спречуваат напредокот и да се решат дел од темелните проблеми.