Брнз: Недостига одговорност, корупцијата го поткопува доброто владеење

by Фокус

Американската амбасадорка Кејт Мари Брнз денеска порача земјава да продолжи со реформите дури и кога тие, како што нагласи, предизвикуваат одредени политички поделби. Според неа, еден од најголемите предизвици со кои се соочува Северна Македонија е корупцијата, која, како што вели, го поткопува доброто владеење и ја саботира економската конкурентност.

-Од независноста на Северна Македонија во 1991 година, САД ја поддржуваат вашата цел да станете  демократска земја, која се заснова на владеење на правото и на еднакви можности за сите граѓани. Знаеме дека ова ќе биде предизвик зашто недостига одговорност, транспарентност. Сето тоа има потенцијал да ја одвлече Северна Македонија од патеката на нејзиниот напредок – рече Брнз.

Таа додава дека владините претставници мора да одговорат на овие предизвици, да ги исполнат очекувањата на јавноста и стандардите за членство во ЕУ.

-Ние ве поддржуваме да продолжите со овие реформи дури и кога тие предизвикуваат одредени политички поделби зашто силна, демократска и инклузивна Северна Македонија е столб за просперитетот на Западен Балкан – рече Брнз во обраќањето по потпишувањето на амандманот на Договорот за грант за партнерство во Министерството за финансии.

Поврзани новости