Се соочуваме со нова ситуација за сите нас и само со заедничка работа – надминувајќи ги националните граници, партиските и други поделби, и со соработка меѓу приватниот, невладиниот и јавниот сектор – можеме да се надеваме на успешно запирање на вирусот и евентуално пронаоѓање на вакцина, порачува американската амбасадорка Кејт Мари Брнс во отворено писмо до граѓаните на Северна Македонија.
Во писмото, амбасадорката Брнс наведува дека овде во Европа, во САД и насекаде во светот, се соочуваме со фундаментални предизвици по животот, таков каков што го знаевме и дека данокот што Ковид-19 го зема во однос на човечките животи и нашето секојдневие беше речиси незамислив пред само шест месеци.
– Луѓето на нашите две земји, заедно со сите други држави погодени од ова, се здружени во жалоста кон починатите, грижата за заболените и очекувањата со претпазливост за евентуално враќање на нормалниот, секојдневен живот. Трогната сум од изјавите на сочувство што ми беа пренесени овде за жртвите во мојата земја. Во нашите мисли сме заедно со сите во Северна Македонија што ги загубија саканите и праќаме желби за брзо опоравување на заболените од овој вирус, нагласува Брнс.
Вели дека ова е нова ситуација за сите нас и оддава признание за работата на Владата и за начинот на кој се справува со кризата. Без разлика на предизвиците што ни ги донесоа изминатите денови, амбасадорката посочува дека постојано гледа знаци на надеж и добрина.
– Ме охрабруваат секојдневните изрази на емпатија насекаде околу нас: на соседот кој им помага на постарите; на итните служби и на здравствените работници кои со сочуство се грижат за заболените; на продавачите; на возачите на камиони, на аптекарите и на многу други, кои продолжуваат да работат за нашите животи да продолжат колку што е можно понормално во овие неизвесни времиња; и многу други примери на човечла хуманост, нагласува Брнс.
Ограничувањата во секојдневниот живот, посочува Брнс во писмото, мене ми дадоа можност да научам нови работи, нови начини на комуникација и поврзување во време на социјално дистанцирање.
Заедно со други пријатели и сојузници, САД го даваат својот придонес за да и помогнат на Владата овде за справуавње со оваа без преседан криза. Помошта, посочува таа, не доаѓа само од американската влада, туку и од американските невладини организации, приватните фондации и универзитетите се некои од најголемите помагачи во светот, а оваа криза не е исклучок. Приватниот сектор, исто така е вклучен во справувањето со предизвикот, со компании од целата земја кои даваат сопствен придонес за спраување со пандемијата.
Според неа, претстои многу работа откако ќе заврши овааа закана и во тоа САД ќе останат наш постојан партнер.
– Мојот тим и јас веќе размислуваме за она што ќе следи и како да помагаме за работите да се вратат во нормала. Среде оваа криза, вашата земја официјално се приклучи кон НАТО и доби покана да ги започне преговорите за членство во Европската унија, две достигнувања за кои работевте со децении. Уверена сум дека од ова искуство ќе излеземе посилни, нашето партнерство ќе биде подлабоко, и заедно ќе можеме да градиме нови можности за да помогнеме да ги реализирате вашите аспирации за силна, динамична и отпорна иднина, стои во отвореното писмо на американската амбасадорка Брнс.