Српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека еден од петте уапсени антиваксери бил вакциниран против коронавирусот, објави денеска Танјуг.
-Од петмината анти-ваксери кои беа приведени, еден беше вакциниран и истовремено ги ширеше најстрашните можни лаги против вакцинацијата. Значи, излезе, вие се заштитивте, но велите дека другите не треба да се вакцинираат”, изјави Брнабиќ за ТВ Прва.
Неколкумина активисти против вакцините се уапсени оваа недела во Србија поради ширење паника, велат властите.
-Тоа е најстрашното лицемерие. Антиваксерите навистина ја загрозуваат националната безбедност. Тие преку социјалните мрежи сериозно ги загрозуваат безбедноста и животот на луѓето, шират паника и лажни вести”, додаде таа.
Брнабиќ го коментирала собирот на противниците на вакцинацијата вчера вечер пред белградскиот споменик Стефан Немања.
Собраните направиле круг, а Брнабиќ вели дека ова бил мирен протест, и никој не бил уапсен.
-Покажавме дека никогаш нема да апсиме луѓе за непријавени митинзи ако тие се мирни. Претходно имавме ненајавени протести, затоа сега не употребивме сила, рече Брнабиќ.
„Можеме само да апелираме тоа да не се случува. Државата не може да апси луѓе ако се соберат мирно, но мислам дека собирањето е многу лошо, мислам дека е глупаво“, додаде таа.
Таа тврди дека протестите против вакцинацијата не се само српска специфичност, туку се случуваат и на други места во Европа.
„Нашиот народ е одличен, и покрај силното лоби против вакцинацијата. Ние сме најдобри во Европа според бројот на вакцинирани лица“, рече премиерката на Србија.