Премиерката на Србија Ана Брнабиќ денеска изјави дека врз Србија има големи притисоци кои се „политички и економски и дека се секакви и се однесуваат на сите теми“, додавајќи дека притисоците се однесуваат и на евроинтеграциите, јави дописникот на МИА од Белград.
-Притисоците главно или исклучиво се насочени кон претседателот на Србија. Посакувам да можам да носам поголемиот дел од нив, изјави Брнабиќ.
Таа посочи дека тоа биле разговори, телефонски и други, со сите меѓународни претставници од земјите на ЕУ, како и од Западот и Истокот.
Брнабиќ кажа дека овие притисоци продолжиле и синоќа, како и дека синоќа по тој повод бил одржан и состанок.
Срспката премиерка додаде дека, на пример, Валентин Инцко и Шилинг јавно кажале дека Србија треба да го прекине европскиот пат и да и се одземе кандидатскиот статус.
Според неа имало притисоци и за Косово, посебните врски и односите со Република Српска, имало и закани дека некои инвеститори ќе ја напуштат Србија..
-Ние се бориме да го одбраниме интересот на Србија и да го браниме меѓународното јавно право, посочи Брнабиќ.
Таа посочи дека на руските компании во Србија нема ништо да им се одземе, ниту да се национализира нивниот имот, туку ќе се води според економските принципи, како и на почитувањето на приватната сопственост и имотот, како и од принципите на меѓународната јавност право.
Брнабиќ најави дека Владата на Србија на денешната седница ќе формира тимови за заштита на економијата, финансискиот систем и граѓаните, со цел одржување на стабилноста и продолжување на економскиот раст на земјата.
-Пред владината седница ќе имам средба со бизнисмени…Најважно е да се одржи стабилноста и да се продолжи со растот и развојот и покрај тешките времиња, за да се исполни планот растот на бруто домашниот производ (БДП) оваа година да биде 4,5 отсто изјави Брнабиќ на отворањето на Комората на кинески компании во Србија.
Целта, додаде таа, е да се намали јавниот долг и буџетскиот дефицит, како и невработеноста и да се обезбеди раст на платите.