Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, денеска му порача на претседателот на Комисијата за надворешна политика на Бундестагот, Михаел Рот, дека шири ефективен говор на омраза против Србија поради работи кои може само и исклучиво да им ги припише на своите сојузници, алудирајќи на косовскиот премиер Аљбин. Курти.
Рот на Твитер напиша дека одамна помина времето кога Европската Унија и Соединетите Американски Држави требаше да ја прекројат својата стратегија кон Западен Балкан и Србија.
Според Рот, српскиот претседател Александар Вучиќ ги поткопува основните принципи на ЕУ, поттикнувајќи национализам и омраза.
„Потребно ни е храбро лидерство, кое ќе поттикне помирување, владеење на правото и демократија“, напиша Рот по прес-конференцијата на Вучиќ одржана вчера.
Брнабиќ изјави дека пораката на Рот е „типичен пример за политиката на „обвинувања во огледало““.
„Тоа е начин да му се припишат некому квалитетите и намерите што некој ги посакува за себе. Го обвинувате Вучиќ за национализам и омраза, иако тој е првиот српски премиер кој по 68 години беше домаќин на премиерот на Албанија и го нарече историско помирување на Србите и Албанците, што е само една од многуте работи што ги направи во изминатите 10 години“, напиша Брнабиќ.
Таа го праша Рот зошто ги повикува ЕУ и САД да ја казнат Србија спомнувајќи го „прекројувањето на стратегијата“.
„Затоа што не го имплементиравме Бриселскиот договор? Не ја поддржавме регионалната соработка со изградба на автопат до Северна Македонија, Тирана, Сараево, не дониравме вакцини? Истовремено, го поддржувате Курти, кој практично го создаде последното гето во Европа, каде што луѓето можат да бидат стрелани, апсени, мачени или забранети да гласаат само затоа што се Срби“, изјави Брнабиќ.
Според неа, Курти во Берлин изјавил дека Бриселскиот договор не постои.
„Ова што го правите е ефективен говор на омраза против Србија поради работи кои можат само и исклучиво да им се препишат на вашите сојузници“, оцени Брнабиќ.
Таа верува дека тоа не била намерата на Рот, туку дека токму тоа го направил со својот твит.