Голем скандал ја тресе Велика Британија. Помеѓу 1970-тите и раните 1990-ти, повеќе од 30.000 луѓе, од кои 3.000 починале, примиле крв заразена со ХИВ вирусот или хепатитис Ц. Ова беше откриено во долгоочекуваниот извештај на Брајан Лангстаф, објавен во седум тома, во кој исто така се наведува дека сето ова можело да се избегне, но дека случајот бил прикриен од Националната здравствена служба и британската влада.
Инфекцијата настанала за време на експерименталниот третман на пациенти, од кои многумина не ни знаеле дека всушност се заморчиња. Меѓу починатите како последица на инфекцијата има и голем број деца. Британскиот премиер Риши Сунак им се извини на заразените и на семејствата на жртвите, а владата ќе мора да плати отштета од речиси 13 милијарди долари.
Вината за овој скандал не е само кај лекарите и персоналот, туку и кај сите влади од 1970-тите до 1990-тите.
Уште во 1970-тите, СЗО ја предупреди Британија да не увезува крв од земји за кои е познато дека не ги проверуваат крводарителите, пред се од САД, кои понекогаш земаат крв од затвореници и интравенозни наркомани.
Исто така, во 1980-тите со појавата на ХИВ се појави и технологијата на термички обработена крв, но Британија не ја искористи, туку беше меѓу последните земји што ја воведе оваа новина.
Заразена крв се давала и при операции, примале и новороденчиња, а особено скандалозно е тоа што родителите на децата на кои се правеле експериментите не дале согласност, ниту пак знаеле дека крвта ќе биде увезена од САД.
Тоа укажува дека според извештајот на Лангстаф, на повеќе од 2.500 страници, има многу елементи за кривична одговорност.
Со оглед на тоа што Британија започна да се занимава со овој скандал дури во 2018 година, нема индикации за тоа кој би можел да биде кривично гонет.