На врвот на плажата Мускл, со поглед кон Пацификот на запад и ридовите Малибу на север, се наоѓа домот на британскиот премиер вреден 7,2 милиони долари, кој отвора многу прашања за неговата иднина.
На 4 јули Риши Сунак ќе се бори за својот политички опстанок на вонредните избори во Обединетото Кралство, а анкетите предвидуваат тежок пораз за неговата Конзервативна партија. Тоа ги поттикна шпекулациите дека тој може да се пресели во Калифорнија доколку наскоро ја напушти премиерската функција.
Американската сојузна држава стана тема во предизборната кампања до тој степен што како симбол на неговото сменување се појави и политичкиот слоган „испраќање на Сунак во Калифорнија“, пишува Politico.
Британскиот премиер не ги крие своите афинитети и врски со Калифорнија, велејќи дека некогаш живеел и работел на брегот на Пацификот – студирал на Стенфорд, таму ја запознал сопругата и водел инвестициски фонд во Санта Моника пред да се врати во Обединетото кралство и влегувањето во политиката, што помогна да се обликува неговото лидерско размислување.
За време на минатогодишниот состанок во Сан Диего, американскиот претседател Џо Бајден се пошегува: „Добре дојдовте назад во Калифорнија, доаѓате од Стенфорд и Калифорнија е сè уште вашиот дом. Затоа сум многу љубезен кон вас, можеби ќе ме поканите во вашиот дом во Калифорнија“.