Народот тука смета дека ЕУ сака да нѐ изгладни, за да го смениме името. Ќе мора вие да ја смените Лисабонската декларација. Ако оваа европска опција во Македонија, чиј претставник сум јас, ви вели „НЕ“, тогаш можете само да замислите што следи – национализам и тоталитаризам. Јас не сум националист и се сметам себеси за борец против национализмот, но вие веќе задирате во достоинството, мое и на мојот народ. Кога ќе речете подготвени сме да ве признаеме, значи ги исполнуваме условите. Што значи сега ова изгладнување за името?
Пишува: Денко МАЛЕСКИ
(Белешки од годините на независноста)
На 18 јуни 1992 година го пречекав на аеродромот во Скопје Даглас Херд, министерот за надворешни работи на Велика Британија, сега веќе и претседавач на ЕУ. Заминавме на разговори во една од просториите на Парламентот, а на Херд и на членовите на неговата делегација им ги упатив овие зборови:
„Господине министре, господа,
Дозволете да ви посакам добредојде во Македонија. Го поддржуваме и овој обид на ЕУ за мирно решение на кризата во поранешна Југославија, како што ги поддржувавме и сите претходни. Македонија целосно соработуваше со Конференцијата за поранешна Југославија, како и со напорите на г-дин Пињеиро, секогаш придржувајќи се до правилата на играта.
Ова го правевме затоа што знаевме дека само ако целосно се придржуваме до демократските принципи на нова Европа, постои шанса за мали држави како Република Македонија да опстанат и да живеат во достоинство, давајќи го својот прилог во борбата за мир.
Меѓутоа, последната резолуција на дванаесеттемина во Лисабон е сериозен удар за демократските и европски ориентирани сили во Република Македонија. Всушност, наместо да добиеме поддршка за нашата политика, која настојува да ја помести републиката кон демократија и кон иднината, сега се соочуваме со опасноста од национализам и повторување на минатото.
ЕУ ПРОТИВ СОПСТВЕНИТЕ ПРИНЦИПИ
ЕУ не остана верна на своите принципи, а принципи и правила на поведение е тоа што најмногу му треба на овој регион сега. Сега е јасно дека ЕУ не може да биде непристрасен судија во македонско-грчкиот случаи, без оглед на спротивните убедувања што ги добивавме од досегашното претседателство.
На крајот, Унијата прво се идентификуваше со една од своите членки Грција, за потоа да „пресуди“ во нејзина полза. Оваа одлука од Лисабон е неприфатлива за Република Македонија.
Ако постои некакво сомневање околу оваа моја изјава, во смисла дека ембаргото врз признавањето на Македонија ќе го промени нашиот став, дозволете да се осмелам да ги предвидам настаните.
Притисокот на ЕУ врз Македонија преку непризнавање и последиците од непризнавањето ќе доведат до пад на демократијата (слаба каква што е) и ќе доведе до создавање на еден националистичко-тоталитарен режим, кој ќе се бори до последен маж, жена или дете.
Оттаму, на владата на Република Македонија ѝ треба ургентна економска помош за да ги спречи ваквите можни настани. Меѓутоа, ниту оваа влада, ниту која било друга нема да ја прифати промената на името „Македонија“. Не постои политичка сила во државата која може да ја прифати Лисабонската декларација.
Како натаму?
Со уривањето на идеолошките бариери на Балканот се мислеше дека е отворен патот кон демократија и иднина. Но, всушност, остана една бариера – историјата, која тежи врз умовите на луѓето од Балканот. Остана и недовербата.
Како да се излезе од оваа ситуација, кога, наместо кон демократија и иднина, одиме кон национализам и кон минатото? Ако прифатиме дека состојбата на умот на Грците е таква каква што е и состојбата на умот на Македонците е таква каква што е, оваа состојба на умот нема да се измени во блиска иднина.
ПРЕДЛОЗИ
Во тој контекст предлагам:
1.Економска помош потребна веднаш за да опстанеме и за да ја трансформираме економијата на нови основи, кои со време ќе ја направат помошта непотребна. Потребна е економска помош за да не дојде до хаос и тоталитарен преврат. Името останува. Актот од Лисабон може да има геноцидни последици врз еден народ – македонскиот. Затоа има партии тука, кои повикуваат да се прекинат односите со ЕУ и да не се прими господин Херд во посета.
2.Со посредство на Британците, да отпочнат официјални разговори со официјални личности на грчката влада.
3.Разговорите треба да го отворат патот кон разрешување на старите проблеми од граѓанската војна и тие што грчката влада би сакала да ги стави на маса.
4.Пристап до јавноста на двете страни на новинари, писатели, универзитетски професори и други, за да се намали тензијата и да почне да се зборува за сето она што го оптоварува нашето поведение.
5.Сево ова треба да води кон една заедничка цел: да покажеме дека нема една вистина за Македонија, или ако сакате една митологија за Македонија, за да научиме да го почитуваме тоа што другата страна го подразбира под поимот „Македонија“.
6.На овој начин да ги изнесеме на виделина стравовите на двете страни и така да се ослободиме од нив.
7.На другите европски држави треба да им биде овозможено да нѐ признаат. Многу од нив се подготвени да го сторат тоа, ако се крене ембаргото за признавање од ЕУ. Еве еден пример: во текот на мојата официјална посета на Полска, нивната влада ми го покажа декретот за признавање што треба да биде потпишан. Но, тие чекаат на ЕУ, чекајќи, всушност, на Грција. Еве уште еден пример: рускиот министер за надворешни работи Козирев, кој ни беше неодамна во посета, рече дека тие ја признаваат Македонија, но дека чекаат на ЕУ.
КОЛАПС НА ЕКОНОМИЈАТА
Непризнавањето на нашата држава ни создава сериозни проблеми. Земете ги нашите луѓе во светот. Кои се тие? Според една анкета, 60.000 граѓани на Македонија во Западна Европа немаат идентитет. Имаат само југословенски пасоши, кои им создаваат проблеми. Затоа издаваме свои пасоши и бараме тие да бидат прифатени.
Разочарани сме од ставот на Велика Британија. Македонија подготвува долгорочна борба за својот идентитет. И да повторам, не постои политичка сила што ќе ја прифати Лисабонската декларација, но постојат две опции за натаму – демократска и тоталитарна.
Лисабонската декларација е удар на демократската, европска опција. Народот тука смета дека ЕУ сака да нѐ изгладни, за да го смениме името. Ќе мора вие да ја смените Лисабонската декларација. Ако оваа европска опција во Македонија, чиј претставник сум јас, ви вели „НЕ“, тогаш можете само да замислите што следи – национализам и тоталитаризам.
Јас не сум националист и се сметам себеси за борец против национализмот, но вие веќе задирате во достоинството, мое и на мојот народ. Кога ќе речете подготвени сме да ве признаеме, значи ги исполнуваме условите. Што значи сега ова изгладнување за името?
Во натамошниот тек на моето обраќање до гостинот од Британија објаснувам за телефонскиот разговор со Лисабон, за мојата оставка, за падот на владата, за незадоволството на народот. Предупредувам: да не мислите дека со изгладнување ќе се скрши нашата волја. Видовме, велам, колку е фанатизиран овој Балкан. Се убива и за помалку од национална гордост. Сегашнава ситуација (со непризнавањето од ЕУ) води кон комплетен колапс на економијата.
Дали со тоа ќе се сменат чувствата на луѓето? Да. Но, ако го познавам регионот, ќе дојде до превласт на националистичките чувства од типот „ќе јадеме трева ако треба!“. Заклучувам со нешто што сум го врамил во белешките: „Одлуката од Лисабон без името Македонија е трајно неприфатлива!“.
По овие воведни зборови, кои, поради важноста на моментот и со цел внимателно да ги забележат помошниците на Херд, ги бев срочил во формално обраќање на англиски, разговорот продолжи без хартии.
КАЈ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ГЛИГОРОВ
По завршувањето на разговорите со Даглас Херд отидовме кај претседателот Глигоров, кој го презеде разговорот со гостинот од Британија и воедно новиот претседавач со Унијата. Јас можев сега да здивнам. Во моите белешки сум запишал три работи што Херд му ги кажа на претседателот Киро Глигоров, а кои ми се сторија важни.
– „Македонија сѐ уште може да биде пример на мирољубиво самоопределување“.
– „За вашата работа и за работата на вашиот колега (покажува кон мене) не сум чул ниту една критика“.
– „Лисабонската декларација не условува економска помош со признавање“.
Посетата на Херд заврши со заедничка конференција за печат на двајцата министри за надворешни работи на Македонија и на Велика Британија. Присутните новинари од Скопје го прашуваа гостинот но мене не ми поставија ниту едно прашање. Тоа не можеше да остане незабележано.
На станување, Херд се наведнува кон мене и со неверување ми вели: „Не ти поставија ниту едно прашање“ и додава „Колку би сакал тоа мене да ми се случува со британските новинари“.
Се насмеавме гласно, Херд не знаеше дека, во тие времиња, пред напливот на македонскиот патриотизам, лесно се уриваа професионални норми на поведение. Новинарите, имено, како да ми беа лути поради непризнавањето од страна на ЕУ, лути што, ете, на враќање од странство не им носам меѓународни победи, туку само меѓународни проблеми.
Со Херд се видовме и на крајот од шестмесечното претседателство со ЕУ во Даунинг стрит 10 кога претседателот Глигоров беше примен од британскиот премиер Џон Мејџор.
Се видовме повторно во Њујорк на средба со претседателот Глигоров, кога на неговото прашање како се чувствувам во мојата нова улога како претставник на Македонија во ОН, новопримената држава во светската организација, како од пушка му одговорив: „Бидејќи добро ја запознавте ситуацијата во Македонија, можете да сметате дека ова е унапредување“.
Сите гласно се насмеавме. Последната моја средба со Даглас Херд беше некаде во 1995 година, на паркингот во кругот на ОН, кога тој веќе ја беше напуштил функцијата министер за надворешни работи и, како што ми рече, бил дојден со екипа на Би-би-си да снимаат некаков документарен филм за светската организација.
(Продолжува)