Британскиот крал Чарлс Трети на 6 јуни во Франција – прво патување во странство по објавата дека боледува од рак

by Fokus

Британскиот крал Чарлс Трети и кралицата Камила ќе отпатуваат во Франција на 6 јуни за да ја прослават 80-годишнината од истоварувањето во Нормандија, соопшти денеска Бакингемската палата.

Тоа ќе биде прво патување на 75-годишниот крал во странство откако на почетокот на годината беше објавено дека боледува од рак.

Кралот, кој ги продолжи јавните активности на 30 април додека продолжува да се лекува од својата болест, ќе присуствува на церемонијата во британскиот меморијален центар во Верс-сур-Мер, Нормандија.

Неговиот син, принцот Вилијам, ќе учествува на меѓународната комеморација на плажата Омаха со шефови на држави и ветерани од Втората светска војна.

На 6 јуни, францускиот претседател Емануел Макрон ќе пречека околу 25 лидери на меѓународна церемонија, организирана на плажата „Крвава Омаха“, една од петте плажи избрани за слетување на сојузничките сили на Велика Британија, САД и Канада, на Денот-Д на 6 јуни во 1944 година.

Се очекува и доаѓањето на американскиот претседател Џозеф Бајден.

Поврзани новости