Британка, мајка на две деца во основно училиште, се соочува со затворска казна бидејќи одбила да ги испрати своите деца на училиште поради корона вирусот. Покрај тоа, властите ѝ се закануваат и со казна од 3.000 евра.
Кејти Симпсон е невработената самохрана мајка од градот Редкар во Северен Јоркшир, Англија. Таа одлучила нејзиниот син Дејмиен и ќерката Алиша (шестгодишни) да останат дома. Се плаши дека таа и децата може да починат од компликации од астма, дијабетес и проблеми со тироидната жлезда, доколку се заразат од корона вирус.
– Бројот на луѓе со кои моите деца би можеле да стапат во контакт е голем и јас не би била безбедна. А, синот има астма, па затоа не станува збор „само за мене“. Сега ми се закануваат и со суд. Не сум сигурна дека ќе одам на суд, затоа што сум исплашена, изјави Симпсон.
Така, откако тие едвај ја напуштале куќата од почетокот на пандемијата во март, од училиштето ѝ испратиле официјално предупредување дека децата мора да дојдат на училиште. Според законите во Велика Британија, родителите кои не ги испраќаат своите деца на училиште без оправдување го кршат законот и се соочуваат со затворски и финансиски казни. Во писмото од службеникот на училиштето пишувало дека отсуството од училиште им штети на учениците и тие не може да добијат соодветно образование.