Велика Британија не и даде дозвола на Украина да ги користи своите ракети со долг дострел за напади на руска територија, соопшти денеска кабинетот на британскиот премиер Кир Стармер, откако тој се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Лондон.
„Очигледно, сакаме Украина да биде на најсилна позиција, но победата во која било војна не се добива само со едно оружје. А што се однесува до Storm Shadow (ракети), британската влада не го променила ставот за употребата на тие ракети со долг дострел“, изјави портпаролот, а пренесува Индепендент.
Тој исто така посочи дека Британија останува на ставот дека Украина има право да врши напади на руска територија во одредени околности.
За време на средбата со Стармер во Даунинг стрит, на која присуствуваше и новиот генерален секретар на НАТО, Марк Руте, Зеленски ги претстави деталите за неговиот „план за победа“.
„Благодарам на народот на Обединетото Кралство, на народот на вашата голема земја, за силата што ни ја дадовте од самиот почеток на војната“, рече Зеленски пред почетокот на средбата.
Украинскиот лидер ќе бара дозвола од сојузниците кои ја снабдуваат Украина со оружје за употреба на ракети со долг дострел за време на претстојниот самит во Рамштајн, Германија.