Бриселски „Еурактив“: Софија му порачува на Скопје да се држи до обврската за уставни промени

by Fokus

Новата бугарска Влада соопшти дека одбива да преговара со Северна Македонија за олабавување на условите под кои Скопје може да ги започне преговорите за членство во ЕУ, наведува бриселскиот портал „Еурактив“.

– Пред три години, Бугарија и Северна Македонија постигнаа договор, со посредство на Франција, за меѓусебни отстапки за деблокирање на процесот за европска интеграција на Западниот Балкан. Владата во Скопје се согласи да го вклучи бугарското малцинство во својот Устав, а властите во Софија ветија дека ќе го укинат ветото за почеток на преговорите со Северна Македонија, се потсетува во текстот објавен денеска.

Авторот на написот натаму наведува дека лани дојде до промена на власта во Скопје и дека новата Влада предводена од Христијан Мицкоски ветила дека „нема да направи отстапки кон Софија“.

„Еурактив“ ја пренесува изјавата на Мицкоски дека се чека на избор на редовна влада во Софија за да почнат преговори за укинување на бугарското вето, но посочува дека првите сигнали од бугарска страна се дека нема да има обнова на дијалогот.

– Бугарија потсетува дека вклучувањето на бугарското малцинство во Уставот на Северна Македонија не е билатерален проблем, туку е услов на Брисел кон Скопје, наведува порталот.

Во текстот се пренесува и изјава на неименуван бугарски министер дека Бугарија останува „исклучително доследна“ на нејзината политика кон Западниот Балкан и на европската интеграција на сите земји од регионот.

– Постои европски консензус, кој во Бугарија е познат како „францускиот предлог“, што строго ќе се следи. Тоа што е постигнато како договор не е билатерален проблем меѓу Софија и Скопје, тоа е меѓу Брисел и нашите соседи од Република Северна Македонија, вели министерот.

Поврзани новости