Брисел: Со влезот во ЕУ Србија да излезе од Евроазијската унија

by Fokus

На денот кога српската премиерка Ана Брнабиќ во Москва го потпишува договорот за слободна трговија меѓу Србија и Евроазиската унија (ЕАЕУ), Брисел и официјално посочува дека Србија може да биде дел од договорот со други земји и организации сè додека не стане земја членка на ЕУ.

-На денот на пристапувањето во ЕУ, Србија ќе треба да се повлече од билатералните договори за слободна трговија, изјави денеска портпаролката на ЕУ, Маја Коцијанчич.

Коцијанчич оваа недела изјави дека ЕУ „внимателно ја следи“ ситуацијата во врска со влегувањето на Србија во зоната на слободна трговија со Русија, Белорусија, Казахстан, Ерменија и Киргистан, додадавајќи дека ЕУ е во постојан „политички и трговски дијалог“ со српските власти.

-Србија може да склучи договори со други земји и организации пред да влезе во ЕУ. Како дел од пристапните преговори, Србија се обврза дека ќе се повлече од сите билатерални трговски договори на денот на пристапување во ЕУ, рече Коцијанчич.

Таа објасни дека ова не е „нов услов“, туку општо правило што важи за сите земји-кандидатки кои бараат членство во ЕУ.

Без оглед на влегувањето на Србија на пазарот за слободна трговија на Евроазиската унија во Брисел потенцираат дека ЕУ останува најважниот трговски партнер на Србија, со 63 проценти од вкупната трговија со „задоволителен раст и интензитет“.

-Трговијата со Русија изнесува помалку од 10 проценти од вкупната српска трговија, додека европските инвестиции во Србија се десет пати поголеми од руските, соопшти Европската комисија.

Брисел и во оваа прилика, потсетува на обврската Србија да се усогласи со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ за време на преговорите за пристапување.

Премиерката Ана Брнабиќ денеска во Москва ќе го потпише Договорот за слободна трговија меѓу Србија и Евроазиската економска унија (ЕАЕУ).

Таа, како што јави дописникот на МИА, веќе имаше работна средба со рускиот премиер Дмитриј Медведев, по што следи состанок на Евроазискиот меѓувладин совет, во поширок состав, кој ќе биде проследен со потпишување на Договорот за слободна трговија меѓу Србија и Евроазиската економска унија. Договорот предвидува Србија во иднина да може под повластени царински услови, да извезува 99,5 проценти од своите производи во Русија, Белорусија, Ерменија, Казахстан и Киргистан, пазар со вкупно 180 милиони луѓе.

Поврзани новости