Брисел порача оти е време партиите да покренат иницијатива за договор за организирање на фер избори и се надева оти оваа недела ќе се одржи лидерска средба.
„Делегацијата на ЕУ е во постојан контакт со партиите и се надеваме дека тие ќе се согласат да се сретнат оваа недела“, вели за „Мета“ Маја Коцијанчич, портпарол на Европската комисија.
Дека има услови за лидерска средба смета и опозицискиот СДСМ, кој денеска уште еднаш повика партиите да почнат со преговори за организирање на избори. Портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов изјави дека ако се почне навреме и ако има политичка волја, избори би можело да има во октомври.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ пак не одбива средба, но претходно бара да се дефинира темата и правецот на преговорите.
Лидерот на ДПА, Мендух Тачи рече дека лидерската средба нема што да понуди за излез од кризата и дека таква средба би била несериозна и не верува дека ќе се одржи.
Пратеникот на ДУИ пак, Рафиз Алити, смета дека лидерски средби треба да се одржуваат затоа што се во интерес на граѓаните, а за фер избори најпрво мора да се создаде политички амбиент.